Ајварката на пазарите се продава по 50 до 60 денари за килограм

92

Годинава родот на црвената пиперка е квалитетен, но е намален поради сушата и климатските промени. Според производителите, побарувачката е голема и допрва ќе се интензивира за да се пласира на домашниот и на странскиот пазар.

– Моментално, на пазарите нема некое големо количество пиперка за ајвар. Моменталната цена е 50 до 60 денари за килограм. Засега е добра цената. Сѐ уште интензивно не почнала да се бара пиперката. Допрва ќе почне подготвувањето на зимниците. Нема многу младина, затоа нема многу потрошувачка. Се бара пиперката капија и за извоз. Инаку, годинава, поради сушата, нема многу големи количества и ќе се бара многу. А, откупната цена се движи од 40 денари за прва и 30 денари за килограм втора класа црвена пиперка за ајвар – истакна производителот Васко Неделкоски на Фестивалот на пиперката, кој се одржа во саботата, во Кривогаштани.

Откупувачите извезуваат и во Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и во други европски држави. Производството е исплатливо, има иднина, но недостига млада работна рака.

– Во споредба со лани, годинава е поголема побарувачката на пиперката. Се пробивме и на Балканот, овој фестивал многу помогна. И цената е повисока. Но, за жал, не може да речеме дека количествата се поголеми, зашто нема многу млади што се занимаваат со земјоделско производство. Производството има перспектива, но нема многу млади да работат – вели Стефан Благадушески, производител од Кривогаштани.