„Ајде да си зборуваме за растенија!“ е изложбата од прилепската умeтница Елена Димоска-Николоска, која е отворена во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
-На првата самостојна изложба, оваа млада уметница се претставува со дела на кои се истражува убавината и упорноста на природата, наспроти човечката летаргичност и занемарување, вели м-р Каролина Мицевска кон изложбата.
Изложбата се фокусира на двa специфични новоизградени објекти во Прилеп, основно училиште и градинка, кои и покрај тоа што се изградени пред неколку години, досега воопшто не се користени за наменетата цел. Наместо со детски глас и насмевки, дворовите на овие објекти се исполнети со разновидни растенија. Додека полека се распаѓаат двата објекти, а многу деца и родители го очекуваат нивното отворање, природата величествено процветала во човечкото отсуство.
-Проектот ја истакнува дијаметралната спротивност меѓу човечкото занемарување и упорната способност на природата да ја пополни празнината. Покрај илустрирањето на човечкото занемарување, проектот покажува како природата наоѓа начин да им даде цел на овие напуштени места, трансформирајќи ги во живописни градини и шуми, вели уметницата Димоска-Николоска.
Дополнително, проектот го потенцира и концептот на игнорирање на „слонот во просторијата“ – во овој случај новите, а веќе остарени, несудени образовни институции. Проектот ги поттикнува посетителите подлабоко да размислат со тоа што повторно ќе се фокусираат на малите „убави“ проблеми, кои виреат околу она што треба да им биде во фокусот, но и да ѝ посветат внимание на природата, почитувајќи ја нејзината непокорлива способност да создаде нешто и таму каде што речиси нема ништо.
-Често ние, луѓето, се фокусираме само на она што е директно пред нас, игнорирајќи и прескокнувајќи значајни проблеми што лежат малку подалеку од нашата непосредна перцепција, се додава кон изложбата.
Eлена Димоска-Николоска, родена 1994 г. во Прилеп, има дипломирано на ФЛУ Скопје, каде наскоро треба да магиструра. Има реализирано повеќе групни изложби, а работи како професор по ликовно образование во училиште во Прилеп. Во нејзината уметничка работа, главен фокус ѝ се социјалните теми, кои ги третира преку сликарството како главен ликовен израз, а од неодамна истражува и со скулптурата, како и со новите ликовни медиуми.
Изложбата е дел од годишната програма на ЦК „Марко Цепенков” поддржана од Министерството за култура и туризам.