АХВ упадна во Зоолошката градина без налог и известување

156

В.д. директорот на Зоолошката градина, Зоран Попов, ја демантира портпаролката Тина Мицковска, која тврди дека иако Агенцијата за храна и ветеринарство, уредно, по закон и по протокол, известила и пратила допис до ЗОО, уште претходниот ден, што ќе се случува, најголемиот дел од вработените не биле информирани.

– Оваа нејзина изјава е целосно невистинита и со неа свесно, со намера ја дезинформира јавноста, свесно ги вознемирува граѓаните, создава чувство на страв и паника, но изјавата е целосно лажна, што претставува кривично дело – се огласи Попов со соопштение.

Тој наведува дека не бил доставен до Зоолошката градина никаков налог, ниту известување од АХВ на 19 октомври ниту претходниот ден.

– Напротив, АХВ без налог, без известување, без присуство на овластено лице врши наcилен упад во Зоолошката градина и врши масакр на здрави, украсни птици за кои не е утврдено присуство на птичји грип – потенцираше Попов.