Ахмети: Груби не побегна

207

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, ја коментираше ситуацијата со бегството на поранешниот вицепремиер во Владата , Артан Груби, кој се наоѓа на црната листа на САД за корупција, а против кого е распишана и меѓународна потерница.

Тој изјави дека Груби се наоѓа на албански простор, но без да даде конкретни информации за неговата локација. Ахмети додаде дека, сепак, правдата не треба да биде селективна и одмаздничка, нагласувајќи дека ДУИ е против употреба на навреди и клевети за политички цели, пренесоа повеќе медиуми од Косово и Албанија.

„Не сум го сретнал Груби. Тој е добро. Секако дека е на албански простор, тоа е процес кој мора да има епилог. Тој не избега од Северна Македонија, подготвен е да се појави пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не и кога има одмаздничката и селективна правда. Ние сме против селективна правда и употреба на навреди и клевети во дневно-политички цели, подготвени сме да одговориме во секој момент и побаравме да се направи ветинг во државата и да се отворат сите политички партии, истрага за сите функционери“, рече Ахмети.

Груби е обвинет за проневера во Државна лотарија. Меѓу осомничените во овој коруптивен случај се поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, а штетата се проценува на речиси 8,2 милиони евра. МВР за случајот поднесе кривична и за поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, но засега тој не е опфатен со истрагата.

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, минатата недела истакна дека Груби не е во Косово, туку во Албанија.

ИЗДВОЕНИ