Агент на ЦИА 18 години онесвестувал жени со дрога, па им ги снимал гениталиите и ги силувал

147

Уште светот не го „свари“ грозоморниот сексуален скандал со Французинката, чиј маж ја успивал со дрога и организирал непознати мажи да ја силуваат, а веќе е откриен нов, овој пат во САД.

Поранешен агент на ЦИА е осуден на 30 години затвор за злоставување на речиси 30 жени. Четириесет и осумгодишниот Брајан Џефри Рејмонд  жените ги дрогирал, а потоа ги фотографирал и сексуално ги злоставувал. Неговите жртви се од повеќе земји.

Рејмонд, кој бил поранешен приправник во Белата куќа, наоѓал жени преку апликациите за запознавање, вклучувајќи го и „Тиндер“, потоа ги намамувал во својот стан, изнајмен од владата, и ги дрогирал додека ги послужувал со вино и грицки.  Потоа поминувал часови позирајќи со голите онесвестени жени, пред да ги фотографира и да ги нападне.

Утврдено е дека имал галерија со повеќе од 500 фотографии на жени кои биле негови жртви. Тужителите рекоа дека Рејмонд почнал со нападите во 2006 година и дека жртвите ги наоѓал во Мексико, Перу и други земји.

-Со сигурност можеме да кажеме дека тој е сексуален предатор, рече американската судијка Колин Колар-Котли, изрекувајќи ја целата казна што ја побарале тужителите во Вашингтон.

Како дел од казната, судијката на обвинетиот исто така му наложи да ѝ плати по 10.000 долари на секоја од своите 28 жртви. Во судот околу 12 жртви на Рејмонд, кои се идентификувани само со бројки, се присетиле дека „ги измамил шпион кој бил дел од агенција која би требало да го штити светот од зло“. Една од жртвите рекла дека Рејмонд изгледал како совршен џентлмен, кога се запознале во Мексико во 2020 година, присетувајќи се дека само се бакнале. Откако се онесвестила, Рејмонд без нејзино знаење снимил 35 видеа од нејзините гради и гениталии. Друга рекла дека доживеала нервен слом, а трета дека има кошмари откако ги видела фотографиите на кои изгледа како труп на неговиот кревет.

Рејмонд ѝ рекол на судијката дека поминал часови размислувајќи за тоа што го направил.

-Знам дека ниедно извинување никогаш нема да биде доволно. Не постојат зборови со кои би опишал колку ми е жал. Тоа не сум јас, а сепак сум станал тоа, порачал тој.

Неговите адвокати барале поблага казна, обвинувајќи ја неговата работа во ЦИА по 11 септември.

Тоа, рекле адвокатите, била плодна почва за емоционална нечувствителност и „објективизација на  други луѓе“ поради кои со години следел жени.

Агенцијата јавно ги осуди злосторствата на Рејмонд, за кои смета дека се еден од најнечуените  случаи на недолично однесување во историјата на ЦИА.