Гевгелија, со извонредната организација на оваа атлетска манифестација, уште еднаш докажа дека станува еден од најпрепознатливите атлетски брендови во Македонија и во регионот. Годинава, над 2.700 натпреварувачи настапија на инклузивната трка, на детските трки и на трките на 5 и на 10 километри, од кои повеќе од 1.200, меѓу кои од Еритреја, Кенија и од регионот, настапија во машка и во женска конкуренција на главните трки на 5 и на 10 километри.

Атлетичарот од Еритреја, Сеаре Велдезги, и Кенијката Валентина Бендек-Џебет се победници на десеткилометарската трка во рамките на атлетската манифестација „November run“ во Гевгелија.

Во конкуренција на повеќе од 340 атлетичари, Велдезги победи со време од 29:42 минути, пред Кенеди Кипкемои од Кенија, кој заврши втор (29:51), додека третото место му припадна на најдобриот наш атлетичар, Дарио Ивановски, кој истрча време од 29:56 минути.

Во женска конкуренција, Кенијката Бандек-Џебет истрча време од 33:19 минути, пред Бугарката Маринела Тодорова Нинева, а трета заврши македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова.

Исто така се трчаше и на пет километри, каде што најбрза беше Албер Кипкорир Тонуи од Кенија со време од 14:46 минути, пред македонскиот атлетичар Муџахид Мислими и Георги Гергов од Бугарија.

Кај жените, на пет километри, победи Греса Бакраќи од Косово со време од 17:30 минути, пред Фатих Кангого од Кенија и Бугарката Анастасија Пејчева. (Љ.А.)