Аерозагадувањето да влезе во Парламентот

179

Пратеници на опозициските партии СДСМ и Левица поведуваат иницијатива за свикување надзорна расправа во рамките на Собранието, на која би се расправало за мерките и за активностите што би се спровеле во насока на подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот. Иницијативата е поддржана со потпис од 15-мина пратеници.

Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ бара да се разговара за прашањето за животната средина во рамките на Парламентот, преку деловнички и законски инструменти, но и да се овозможи да се разговара за проблематиката на експертско ниво.

– Зачувувањето на животната средина, како темелна вредност гарантирана со Уставот, а е дел од корпусот економски, социјални и културни права, нè засега сите од нас поединечно и сите нас заедно. Одговорноста, пред сè на пратениците, е да разговараат, да изнаоѓаат решенија и да се преземат конкретни мерки за зачувување на животната средина. Ќе можеме да ги чуеме мислењата на институциите, да ги посочиме проблемите, но најважно од сè е да се отвори дебата и преку неа да се побара од власта да преземе конкретни мерки со цел граѓаните да добијат здрава средина и чист воздух. Темата за животната средина не познава политиканство. Чистиот воздух не може да биде привилегија, туку основа гарантирана со Уставот – рече тој.

Според пратеникот на Левица, Борислав Крмов, правото на чист воздух е една од темелните вредности и согласно со Уставот, и на општеството во целина, но не е така во практика.

– Градот Скопје и другите градови, Битола, Струмица, Тетово, Охрид, Кавадарци, Кичево, оваа зима ги уриваат рекордите според загадувањето. Само за две години, во периодот од 2018 до 2020, се регистрирани жртви на аерозагадувањето. Тоа е речиси четири илјади луѓе или 18 проценти од вкупната смртност кај населението. Најпоразителен податок е што 11,6 отсто од новороденчињата, односно секое деветто бебе во земјата, умираат поради загаден воздух. Затоа сакаме видиме како се спроведуваат политиките за заштита на воздухот, како се спроведуваат законите и кои се мерките што се преземаат од надлежните органи. Попусто се сите позитивни законски норми доколку не се применуваат по прашањето – рече Крмов.

ИЗДВОЕНИ