Аеродромци ќе рециклираат пластични шишиња и лименки

213

– Реализацијатa на овој значаен проект има цел да ја заштити животната средина, но и да ја подигне свеста за значењето на рециклирањето и односот кон отпадот воопшто. Токму затоа ги поставивме 11. машини за рециклирање во дворовите на училиштата и на градинките, затоа што навиките се создаваат од најмала возраст –  изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески

 

Општина Аеродром доби машини за рециклирање ПЕТ пластични шишиња и лименки, а над 10 илјади домаќинства добија торби за домашна селекција на отпадот од пакувањето. Станува збор за 11 машини, кои се поставени во дворовите на сите основни училишта и во две градинки, со што, преку мотото „Рециклирај, донирај, подобри“, Општина Аеродром има цел да ја подигне свеста за зачувување на здравата и чиста животна средина, особено кај најмладите.

Вчера беа презентирани машините за рециклирање и торбите за примарна селекција на отпадот од пакувањето за домашна употреба, во рамките на проектот „Clean Air – нула цврст отпад во Општина Аеродром“, на настан што се одржа во ООУ „Лазо Ангеловски“.

Притоа, со ова се развива конструктивна компетитивност меѓу основците, а Општина Аеродром ќе го валоризира рециклирањето во машините како директна субвенција за училиштата, затоа што повратните средства за секоја рециклажа ќе остануваат во самите училишта.

– Реализацијатa на овој значаен проект има цел да ја заштити животната средина, но и да ја подигне свеста за значењето на рециклирањето и за односот кон отпадот воопшто. Токму затоа ги поставивме 11. машини за рециклирање во дворовите на училиштата и во градинките, затоа што навиките се создаваат од најмала возраст. Се надевам дека претставуваме добар пример и оттука ги охрабруваме сите општини да имплементираат ваков или сличен проект, а ние сме тука да им дадеме безрезервна поддршка – изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

На настанот присуствуваа поддржувачите и соработници на проектот: Штефен Худолин, шеф за соработка при делегацијата на Европската Унија во Скопје; Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија, како и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој истакна во своето обраќање дека овој проект е од огромно значење за Општината и за државата, бидејќи не само што придонесува за почиста и поздрава животна средина туку претставува и мост до Европската Унија.

– Преку овој модел на зајакнување на капацитетите на општините за справување со големите количини отпад, како и со едукација на граѓаните за важноста на селектирањето и на рециклирањето, директно придонесуваме во насока на исполнување на критериумите од поглавјата поврзани со еколошките прашања и со животната средина – потенцираше Перински и упати апел до сите општини да го следат овој пример.

Проектот се спроведува со поддршка од делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и од швајцарската амбасада, кои издвоија околу 600 илјади евра за негова реализација.

– Во моментов, на глобално ниво, се соочуваме со голем проблем при управувањето со отпадот, а, од друга страна, едно од најсложените прашања во преговорите за ваш пристап во Европската Унија е токму начинот на справување со отпадот, што се протега во повеќе поглавја – нагласи шефот за соработка при делегацијата на Европската Унија, Штефен Худолин.

Тој го издвои фактот дека ЕУ досега има инвестирано директни 40 милиони евра и дополнителни 20 милиони евра токму за справување со ова прашање, но сè уште не се остварени посакуваните цели.

– Постојат различни начини за справување со отпадот, но јас сакам да ве поттикнам да продолжите со заемната поддршка меѓу општините, а ефектите да бидат прикажани на транспарентен начин – порача Худолин.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, укажа на тоа дека општините имаат многу голема одговорност при справувањето со отпадот и неговото правилно селектирање.

– Овој проект претставува иновативен пристап на Општина Аеродром, затоа што не само што ја подига свеста кај најмладите туку и им остава простор за финансиски придобивки од селекцијата на отпадот – изјави Улман.

Таа нагласи дека Швајцарија останува посветена на спроведувањето на зелената агенда во земјава, како и верен поддржувач на Општина Аеродром, каде што минатите години заеднички се реализирани голем број проекти од значење за граѓаните.

Општина Аеродром продолжува со реализација на проектот „Clean Air – нула цврст отпад во Општина Аеродром“ и останува отворена за соработка со другите општини, за имплементација и на други вакви или слични проекти, со кои се зачувува животната средина, се придонесува за почист воздух и за поздрава почва за сегашните и за идните генерации.

Настанот со пригоден настап го збогатија учениците од ова училиште, кои испратија еколошки пораки до возрасните.

(А.П.)