На интернационалниот фестивал „Ocean BBQ and Brew Festival“!
Нашата мошне добро позната пејачка, водителка на „Везилка“, шефица на „Гастромак“ и авторка на книгата и на ТВ-емисијата „Вкусот на традицијата“ деновиве беше единствената претставничка од просторите на поранешна Југославија (ја претставуваше својата држава, Македонија) на интернационалниот фестивал „Ocean BBQ and Brew Festival“ во далечниот Виетнам. Тоа е фестивал на океанот и на скарата, како што би можело да се каже во слободен превод, иако има многу повеќе работи за раскажување. Настанот се одржа во градот Ханој, во организацијата на Дон Давид и на Амбасадата на Азербејџан во Виетнам.
Се организираше по повод Денот на пролетта, кога се вапсаат јајца, исто како и кај нас за Велигден. Вистински празник за народот таму. И тие го имаат обичајот да се кршат со вапсаните јајца, а потоа да се пали оган, кој потоа сите го прескокнуваат во знак на благодарност кон Бога, за среќа и здравје. И сите имаат позитивни мисли. Насмеани се, со изразена благодарност. Прекрасен, питом и топол е народот во Виетнам. Веднаш што забележав по пристигнувањето беше дека тие не консумираат шеќер, леб, масло. Само алги, ориз, кромид, морска храна и многу супи и чаеви. Прекрасна и вкусна храна се јадеше во еден од најпознатите традиционални ресторани во Ханој и Син Руан – раскажа Адријана за весникот ВЕЧЕР.
Таа воедно ја промовираше и нашата традиционална македонска кујна во Виетнам, од која домаќините беа воодушевени. Тие ветија дека наскоро ќе ја посетат Македонија за да се уверат во вкусниот залак со тавче-гравче, крушевска пита, селско месо, домашен ајвар, лутеница, сарма, подварок… (Д.М.)