Крива Паланка ќе добие нова, атрактивна содржина за развој на туризмот, адреналински парк на Калин Камен, што ќе се гради во рамки на најновиот проект на општината од ИПА-програмата на Европската Унија за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
-Потпишан е договорот за најновиот проект „Прекугранична атрактивност – смарт туризам во регионот Ќустендил – Крива Паланка-Невестино“ од ИПА-програмата на ЕУ, со кој Општина Крива Паланка ќе гради адреналински парк вреден 280.000 евра. Нашата општина го имплементира проектот во партнерство со: Општина Ќустендил, Центар за развој на третиот Североисточен плански регион, Општина Невестино, Трговско-индустриска комора Ќустендил и Национална установа – Музеј Куманово. Вкупниот буџет на проектот за сите партнери е 975.730 евра, од кои за Крива Паланка се предвидени 305.000 евра, за изградба на нова и модернизација на постојната туристичка инфраструктура – клучни за развој во наредните години, информираа од Општина Крива Паланка.
Оттаму посочуваат дека ќе се работи на креирање одржливи туристички производи за привлекување поголем број посетители согласно со повикот и приоритетната област во која е одобрен проектот: развој на атрактивни, целогодишни туристички продукти за интегриран развој на прекуграничниот регион.
-Имплементацијата на проектот ќе придонесе за постигнување одржлив економски раст преку создавање услови и предуслови за зголемување на конкурентноста и атрактивноста на граничниот регион Ќустандил – Крива Паланка – Невестино, преку диверзификација на туристичката мобилност и атрактивни одржливи туристички производи кои ќе привлекуваат значителен број посетители. Заедничкото интегрирано решение ќе им овозможи на проектните партнери од двете страни на границата да усвојат, развијат и тестираат нови пристапи, производи и техники за промоција на туризмот во граничниот, користејќи го неговиот територијален потенцијал – нагласуваат од општината.
Проектот предвидува инфраструктурни интервенции на четири туристички локации: Ќустендил, Кокино, Калин Камен и Св. Ана, како и создавање дигитални туристички продукти што ќе ги подобрат условите за развој на туризмот во општините – партнери во проектот.