Не престануваат обвинувањата од власта дека штрајкот на јавните службеници е политички мотивиран. Пред два дена владината портпаролка Марија Митева посочи дека има сомнеж за политичка заднина на штрајкот на УПОЗ, а тоа го повтори и заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој коментирајќи ги протестите на вработените во јавна администрација рече дека доколку биле исцрпени сите демократски инструменти во претходниот период, немало да мислат дека зад тоа има некоја политичка заднина. Од друга страна, пак, од УПОЗ велат дека нема политичка заднина на протестите, туку единствена причина е зголемување на платите за 30 отсто и потпишување на колективните договори.
– Доколку беа исцрпени сите демократски инструменти во претходниот период и разговори, навистина немаше да мислиме дека зад тоа нема некоја политичка заднина. А, вака сомнежот е голем дека зад сето ова има некоја политичка заднина што не е добро, бидејќи преку синдикатите се злоупотребуваат вработените. Имаме еден многу добар и транспарентен однос и јас не гледам причина зошто низ претходен дијалог и разговори во самите министерства, со УПОЗ и со Синдикатот, да дојдеме до некои заедничко решение. Факт е дека навистина платите во одделни институции и министерства се пониски и не содејствуваат со економската состојба во Македонија, но има поразлични методи и мерки да се дојде до вистинската цел, рече Ристески и додаде дека во наредниот период ќе има покачување на платите во јавната администрација, но тоа ќе биде во контекст со подобрување на економската состојба во државата и со зголемување на продуктивноста на работниците.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека нема политика во протестите, туку дека станува збор само за борба за достоинствени плати кои ги на вработените кои ги бараат години наназад.
– Нашите барање се исти години наназад и секој обид од страна на Владата или политичките партии да докажат дека има политика во протестите или работата на синдикатот ќе им биде залуден. Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на протестите на вработените бидејќи имаа 7 години да го решат овој проблем, но наместо решение направија сè што можат да го забранат колективното договарање па дури беа и првата влада кои поништија Колективен договор. И да ја поправам изјавата од Владата бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со некој друг Синдикат. За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година, има организирано три штрајка, најмалку 20 протести, од кој на протестот во месец декември 2023 година, над 5.000 вработени од управата и правосудството излегоа на улица и побараа достоинствени плати за живот. Барањата остануваат исти и апелираме до Владата и ресорните министерства што побрзо да започнеме преговори и да најдеме заедничко прифатливо решение за овој проблем, изјави Деаноски.
Бранко Костовски, претседател на Синдикална организација при Министерството за култура и туризам на УПОЗ, на вчерашниот протест рече дека платите на 70 отсто од вработените во министерството се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на истите позиции во државните органи, кои го добија додатокот на основна плата, е 30 проценти. Тој рече дека со овој протест, го изразуваат незадоволството од, како што истакна, недостоинствено ниските месечни примања на вработените во Министерството.
– Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од останатите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и од премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Државната администрација не треба и не смее да се потценува со никакви квалификации, туку нејзината работа треба да биде призната и вреднувана. Се залагаме за одговорна, квалитетна и ефикасна државна администрација, што ќе биде сервис на граѓаните и носител на идните реформски процеси кои ни претстојат, рече Костовски.
Во контекст на ниските плати во јавната администрација Државниот завод за статистика распишал оглас за примање на 14 вработени, а платите се околу 28 илјади денари. Освен високо образование од кандидатите се бара познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија, односно англиски, француски и германски.
Протестите, како што изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок од 11 до 12 часот ќе се одржи протест пред Министерството за финансии.
(А.С.)