Вработени од неколку министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив вчера излегоа на предупредувачки протест, барајќи потпишување колективни договори и исплата на 30 проценти додатоци на платата. На протестот излегоа вработени од министерствата за животна средина, за дигитална трансформација, за шумарство и водостопанство, за правда, за култура и туризам, за економија и труд и за транспорт.
Протестите, како што изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, ќе се одржуваат секој ден од 11:00 до 11:30 часот, а в петок – од 11:00 до 12:00 часот, пред Министерството за финансии.
– Апелираме до Владата да се изнајде начин и да се обезбедат средства од буџетот за решавање на овој долгогодишен проблем на вработените. Во изминатиот период од изборот на новата Влада, остваривме средби со речиси сите ресорни министри и преку преговори со нив, заеднички подготвивме предлог колективни договори, потоа, со поддршка од ресорните министри, беа испратени до Министерството за финансии. Овие предлог колективни договори беа поднесени до Министерството за финансии пред носењето на буџетот за 2025 година, но, од неразбирливи причини, Министерството за финансии не одобри средства за нивно потпишување – изјави Деаноски.
Висината на платите на вработените во институциите што протестираат, како што нагласи Деаноски, почнува од 25.010,00 денари.
– Просечната плата во овие институции е околу 29.000,00 денари, а просечната плата исплатена на ниво на држава изнесува 42.124,00 денари. Додатокот што го бараме од 30 отсто значи дека вработените би добиле 6.000 денари зголемување на платата, но и покрај тоа, сите вработени повторно ќе бидат под просечната плата во државата. Ова наше барање е старо повеќе од четири години. За овој додаток на плата сме протестирале и сме штрајкувале години наназад, но, за жал, ниту една влада досега не им излезе пресрет на нашите барања – подвлече Деаноски.
Тој рече дека иако не постои никаква уставна, ниту законска пречка да се потпише колективен договор во која било институција, нивната намера не е да му нанесат штета на државниот буџет, туку „преку дијалог со Владата, да се изнајдат средства за потпишување на колективните договори во рамките на буџетот“.
Во однос на штрајкот на вработените во Државното правобранителство, кој почна на 8 јануари, претседателот на Синдикатот на УПОЗ рече дека нема никакво поместување. Поместување е само дека вработените добиваат решенија, со што им се намалува платата за 40 отсто во текот на штрајк.
– Моментално добија само колегите од Тетово, бидејќи кај нив штрајкот почна порано. Сега се подготвуваат исти решенија за сите вработени што се во штрајк – додаде Деаноски.
Инаку, претходно од Синдикатот на УПОЗ за весникот ВЕЧЕР изјавија дека во јавната администрација нема превработеност, туку, напротив, дека фалат луѓе.
– Во државната администрација нема превработеност, туку, напротив, има недостиг на работници. Можеби има превработеност, но тоа е во одредени дејности во јавниот сектор, но не во јавната администрација, поради тоа треба да се прави разлика. Во јавната администрација сите вработени си ја вршат својата работа и заслужуваат повисоки плати – изјави за весникот ВЕЧЕР Бојан Трипуноски од Синдикатот на УПОЗ.
Од Синдикатот на УПОЗ велат дека во администрацијата недостигаат луѓе, бидејќи си заминале многу вработени поради ниските плати.
Од Владата велат дека се подготвени да ги прифатат сите предлози и сугестии, но, како што истакна портпаролот Марија Митева, изненадени се од фактот што токму УПОЗ, како прв чекор, презема штрајк наместо дијалог, кој е прв демократски начин и метод за функционирање.
– Сакам да ја потсетиме јавноста дека за само шест месеци успеавме да постигнеме договор за покачување на платите на вработените во здравството, во образованието, а се покачија и пензиите. Исто така, посочуваме дека Владата обезбеди додаток на плата и К-15 за сите вработени и, повторувам, подготвени сме да разговараме на секоја тема. Секој штрајк треба да биде организиран во согласност со Законот за работни односи и со колективните договори, да биде најавен согласно со Законот. Да биде спроведена и постапка за помирување, која е задолжителна и да се определат нужни работи, кои мора да се вршат. Бидејќи, за жал, не е исполнет ниту еден од овие постојни законски услови, говори за незаконитост на штрајкот и отвора силен сомнеж дека е политички мотивиран – истакна таа.
Митева посочи дека има бројни механизми преку кои може да се отворат сите овие прашања, а потсети и на Економско-социјалниот совет, каде што можело да се отвори ова прашање.
– Интересно е што изминативе години, овој Синдикат како да молчеше за ова прашање и со жалење мораме да истакнеме дека отворено се сомневаме дека зад ваквиот чекор има политичка заднина на Синдикатот, кој дејствува како продолжена рака на партиите што досега, за жал, ги злоупотребуваа правата на работниците. Прашуваме дали ова е начин на кој се злоупотребува синдикалното движење во државата. Како Влада, гледаме реално на работите и не сме задоволни од платата во администрацијата, но потенцираме дека дијалогот е вистинскиот начин за изнаоѓање решение – посочи Митева.
СДСМ бара рамноправност околу платите за вработените во јавниот сектор
СДСМ ги поддржува барања на административците за покачување на платите и порачува дека Владата има обврска да обезбеди услови за потпишување на колективните договори.
– Платите стагнираат, куповната моќ на работниците се намалува, а политиките на Владата на Мицкоски се сведуваат на служење на тесни бизнис-интереси на елитата.
Во изминатите седум месеци, минималната плата остана непроменета, додека просечната плата стагнира. Системот за зголемување на платите, воспоставен од СДСМ, беше целосно напуштен од актуелната власт, што резултираше со влошување на животниот стандард на работниците. Последните податоци од Државниот завод за статистика го потврдуваат тешкиот економски контекст во кој се наоѓаат работниците. Во декември 2024 година, трошоците за живот пораснаа за 4,4 %, цените на основните производи се зголемија за 4,3 %. Ова значи дека месечните плати не се доволни ниту за основните потреби.
Дополнително, спорно е тоа што вработените во дел од јавниот сектор и министерствата се дискриминирани во однос на своите колеги во други институции како Министерството за финансии, Службата за општи и заеднички работи на Владата, Генералниот секретаријат во Владата, кои добиле покачувања на платите.
СДСМ е на страна на работниците и бара од Владата итно да преземе чекори за зголемување на платите, како и да обезбеди целосна рамноправност меѓу вработените во јавниот сектор. Потпишувањето на колективните договори, согласно со барањата на работниците, мора да биде приоритет.
(А.С.)