Администрацијата на Трамп сè уште „жонглира“ со различни идеи за прекин на руско-украинската војна

351

Европските сојузници на Украина станаа претпазливи оптимисти дека Трамп нема да го принуди Киев на предвремени преговори со Русија, заклучок до кој дошле по серијата приватни разговори со членовите на тимот на Трамп во кои трансатлантските партнери ги изнесоа своите аргументи за продолжување на поддршката на Украина. Лидерите во европските престолнини сè повеќе се уверени дека во догледно време ќе биде постигнат договор за ставање крај на војната. Постои надеж дека заострувањето на санкциите кон Москва и продолжувањето со воената поддршка за Киев ќе ѝ наметне висока економска и воена цена на Русија и со тоа ќе ги отвори преговорите за ставање крај на војната.

 

Има само една стратегија и таа зависи од Путин и не можам да замислам дека е премногу воодушевен од начинот на кој се одвива, бидејќи ни нему не му оди баш најдобро.

Ова е ставот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, што го пренесува „Њузмакс“, во пресрет на неговата инаугурација во понеделник, по што може да се зафати со реализирање на ветувањето дека ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина. Тој веќе најави дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин „многу брзо“ откако ќе ја преземе функцијата следната недела, што ќе биде прва нивна средба од почетокот на руската војна со Украина во февруари 2022 година.

Но, европските сојузници на Украина станаа претпазливи оптимисти дека Трамп нема да го принуди Киев на предвремени преговори со Русија, дознава „Блумберг“.

-Заклучокот доаѓа по серијата приватни разговори со членовите на тимот на Трамп во кои трансатлантските партнери ги изнесоа своите аргументи за продолжување на поддршката на Украина, изјавија за „Блумберг“ европски претставници запознаени со ова прашање, кои сакале да останат анонимни, бидејќи разговорите се воделе зад затворени врати.

Според нив, овие разговори сугерираат дека новата администрација на Трамп би можела да ѝ помогне на уништената Украина да се врати на позицијата на сила пред да почнат какви било преговори. Сепак, како што пренесува Индекс.хр, оние кои имале приватни разговори со тимот на Трамп предупредуваат дека навистина никој не знае што точно ќе направи идниот претседател, кој е познат по тоа што одбива совети од блиски соработници и се премислува во последен момент. Европејците велат дека е можно претставниците на Трамп да прифатиле два нивни аргумента. Едниот е дека новиот американски претседател ќе ризикува понижување што може да се спореди со хаотичното повлекување на претседателот Џо Бајден од Авганистан, доколку нагло ја повлече помошта за Киев. Вториот е дека ќе ја поттикне Кина да размислува за поагресивни потези кон Тајван ако ѝ се дозволи на Русија да постигне победа.

Сè на сè една недела пред да положи заклетва како 47. претседател на САД, не е јасно како Трамп ќе се справи со руската војна која трае речиси три години. Европските и украинските власти сметаат дека не постои конкретен план за Украина што би можел да се спроведе по инаугурацијата на 20 јануари, бидејќи планерите од тимот на Трамп сè уште жонглираат со неколку различни идеи.

Но, по разговорите со администрацијата на Трамп, Европејците малку здивнаа, бидејќи претходно се очекуваа најлоши сценарија во врска со реализација на ветувањето на Трамп за брзо завршување на војната и потенцијално постигнување договор што ќе го заобиколи Киев и стратешки ќе ја зајакне позицијата на рускиот претседател.

Во претседателската кампања Трамп најавуваше брзо решавање на кризата, во рок од 24 часа, но потоа претпазливоста при давањето изјави на таа тема кај неговиот тим се зголеми. Така, Кит Келог, кој е номиниран за специјален пратеник за Украина и Русија, минатата недела изјави за „Фокс њуз“ дека би сакал да се најде решение во првите 100 дена од администрацијата.

-Брзата разрешница на војната „сега е малку веројатна и слушаме дека крајниот рок всушност малку се поместил кон Велигден“, изјави неодамна за Би-би-си британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами и додаде дека нема докази дека Путин сака да седне на преговарачка маса.

Но, по разговорите со новата американска администрација, европските лидери, вклучително и германскиот канцелар Олаф Шолц, изразија одреден степен на изненадување од отвореноста на новоизбраниот претседател за можни решенија што ќе доведат до крај на војната. Неофицијално тие изјавија дека новоизбраниот претседател поставува паметни прашања за војната.

-Трамп изрази интерес да го надгледува она што тој го нарекува „договор на векот“ кога станува збор за Украина. Тој исто така го критикуваше однесувањето на Путин, а во исто време се обидува да отвори канал за комуникација со него,  изјавија за „Блумберг“ луѓе запознаени со тие разговори.

Според извори на „Блумберг“ новоизбраниот претседател остава впечаток дека не е толку заинтересиран за судбината на Украина или дека не ја препознава стратешката важност на војната за американските интереси. Лидерите                     во европските престолнини сè повеќе се уверени дека во догледно време ќе биде постигнат договор за ставање крај на војната. Постои надеж дека заострувањето на санкциите кон Москва и продолжувањето со воената поддршка за Киев ќе ѝ наметне висока економска и воена цена на Русија и со тоа ќе ги отвори преговорите за ставање крај на војната.

И покрај предизборната реторика насочена против Украина, тимот на Трамп е свесен што може да значи неуспех во војната, особено ако се земе предвид повлекувањето од Авганистан, изјавија повеќе официјални лица. Кога станува збор за изнаоѓање решение, тие се свесни дека секој договор ќе мора да вклучува безбедносни гаранции за Киев во некоја форма, велат изворите. Ова неизбежно ќе доведе до жестока дебата за тоа дали да се ангажираат американските сили ако Украина биде нападната по прекинот на огнот.

ИЗДВОЕНИ