Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчеравечер, во КСП Центар – Јадро ја отвори архитектонската изложба „Општина за нас“, на идејните решенија од конкурсот за новата општинска зграда.
Честитајќи им на авторите на трите наградени решенија, Герасимовски истакна дека очекува оваа визија за современа, отворена и достапна општина наскоро да стане и реалност.
– Наша цел не е само изградба на нова административна зграда, туку создавање функционален простор кој ќе одговори не само на потребите на вработените, туку и на граѓаните. Комплексот ќе биде модерен, енергетски ефикасен со подземен паркинг со капацитет од околу 300 возила и простор за 100 велосипеди, со што конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во централното градско подрачје – изјави Герасимовски.
На конкурсот за новата општинска зграда, преку транспарентна и професионална постапка беа наградени три најдобри решенија.
Првата награда ја доби идејното решение под шифрата „НАМАТ“, чиј авторски тим го сочинуваат Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски. Тимот доби парична награда од 750.000 денари. Втората награда ја доби проектот под шифра „ЧКЛАБ“, дело на авторскиот тим од „Платформа“ ДОО Скопје во состав: Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени. Нивната награда изнесува 400.000 денари. Третата награда ја освои идејното решение под шифра „Сцена“, чиј авторски тим го сочинуваат Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска, со парична награда од 300.000 денари.
Изложбата останува отворена за посетителите во наредните седум дена, нудејќи им можност да се запознаат со визиите за новиот современ лик на Општина Центар.
Во ноември лани, на брифинг со новинарите, градоначалникот Герасимовски појасни дека проектот се состои од два дела – подземен паркинг на три нивоа со која ќе се реши проблемот со паркирањето на Дебар Маало и над паркингот ќе има простор за потребите на општина Центар.
– Проектирањето на подземната гаража и општинската зграда ќе трае неколку месеци и очекуваме да се заврши до март, по што би аплицирале до владата. Се надеваме дека проектот ќе го започнеме пред истекот на мандатот – објасни Герасимовски пред новинарите на брифингот.
(А.П.)