Грчката кошаркарска суперѕвезда, Јанис Адетокумбо, уште еднаш направи споредба меѓу Евролигата и НБА и објасни дека европската лига, можеби, не е поквалитетна, но е поинтересна.
- Евролигата е неверојатна! Многу, многу талентирана. Веројатно два-три, можеби четири од најдобрите тимови во Евролигата ѝ припаѓаат на НБА. На пример, тимот за кој играше мојот брат, Панатинаикос, има деветмина играчи што беа тука. Уживам да ја гледам Евролигата повеќе отколку НБА, но нивото на квалитет сè уште не е исто. Најдобрите во НБА, Денвер, Оклахома, Бостон, би ги уништиле тимовите од Евролигата. Ако играат според правилата на ФИБА, можеби ќе имаат шанса, но исто така, ако играат според правилата на НБА, ниту еден тим нема да може да направи нешто – истакна Адетокумбо.
Поради моменталната доминација на Европејците и големиот број играчи од Стариот Континент на ол-стар натпреварот, некои сметаат дека најдобар формат за главниот натпревар би бил прилично едноставен: САД против остатокот од светот.
- Би го сакал тоа. Тоа би бил најинтересниот формат. Секогаш се натпреварувам, но тоа би ми дало дополнителна мотивација. Со Шеј, Јокиќ, Лука, Вемби, Таунс, Шенгун… Ќе заборавам некого. Би било забавно да играм против најдобрите од САД – додаде Гркот.
Асот на Милвоки беше прашан дали може да се одржи НБА ол-стар натпреварот во Европа или некаде надвор од САД.
- Би било забавно тоа. Во Велика Британија или во Париз. Можеби во Грција, зошто да не? Или во Кина – заврши Адетокумбо.