Ацо Пејовиќ купи семејна гробница – бизарно или реално?

22

Пејачот Ацо Пејовиќ и во Македонија е една од многу популарните личности што направија успешна кариера со песните. Особено откако ги пее песните од репертоарот на легендарниот Тома Здравковиќ, од играниот филм „Тома“. Но, и тој сега е загрижен што ќе се случи со неговите настапи во летните дискотеки во Македонија, по трагедијата во Кочани. Дали ќе престанат дискотеките и ноќните клубови со работа или ќе се однесуваат според правилата на законот? Дека имаше многу пропусти, имаше, да не се лажеме. Затоа Пејовиќ очекува само добри вести и повторна средба со македонските обожаватели.

Во меѓувреме, тој ја разбранува публиката со еден свој мошне необичен потег. Деновиве, тој купи гробно место, иако е навистина далеку од „оној свет“. Всушност, купи голема семејна гробница. – Никогаш не се знае, никој од нас не е вечен, додава Пејовиќ. Гробницата се наоѓа во непосредна близина на гробот на неодамна починатиот Саша Поповиќ, но и во близина на радионовинарката Дивна Карлеуша, мајка на пејачката Јелена Карлеуша. Сите тие гробници се на  белградските Нови Бежаниски гробишта.

Ацо Пејовиќ воедно проговори и за хаосот на естрадната сцена.

– Некои мои помлади колеги, за жал, имаат крш песни. Ретко кој ги слуша, па отпосле јас сум им виновен. Како и да е, на тие нови пејачи им е многу полесно да се пробијат до публиката отколку кога почнував јас.  Сега има милион  медиуми каде што можеш да си го промовираш името, да пишуваат новинарите за тебе како за многу омилен пејачки лик иако немаш ниту еден хит – вели Ацо.

Пеењето стана најпрофитна професија. Сите што не знаат што да работат, сакаат да бидат пејачи, да бидат познати и богати. А немаат поим дека снимањето песни е многу скап спорт. Мора да платите добро за сè што сакате да направите. Но, никој не гарантира дека ќе бидат успешни и слушани тие песни. Ризикот е голем. И се лажат овие млади пејачи дека се некој и нешто доколку запалат скапи цигари или стават лажен часовник на рака. Сепак, не е успехот во тоа. Ништо без вистинска песна што публиката ќе ви ја засака.  (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ