– Факт е дека сѐ до појавата на овој АБЕЦЕДАР, македонското дете немало буквар, учебник, па и книга од кои можело да се описменува, да научи да чита и воопшто да чита на својот мајчин, македонски народен јазик. Факт е дека излегувањето на македонскиот буквар насловен како АБЕЦЕДАР е историски чин за нас, Македонците – вели проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. АБЕЦЕДАРОТ, како фототипно издание, годинава, секој може да го има во својот дом, како издание на „Матица македонска“
– Годинава, во мај, се навршуваат 100 години од излегувањето на првиот буквар на македонски народен јазик за македонското национално малцинство во тогашна Грција, под наслов АБЕЦЕДАР, подготвен од специјална комисија на тогашната грчка Влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународно покровителство на Друштвото на народите во Женева. Овој буквар е отпечатен во Атина, во мај 1925, на лерински (леринско-битолски) народен говор, со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис. А само по дваесет години, исто така во мај (5 мај 1945), се усвојува македонската азбука, со што се кодифицира македонскиот јазик. Истата година, на 7 јуни излегува и првиот Правопис на македонскиот јазик. Инаку, АБЕЦЕДАРОТ, како фототипно издание, годинава, секој може да го има во својот дом, како издание на „Матица македонска“.
АБЕЦЕДАРОТ објавен во Грција е првиот буквар и воопшто прва книга за деца на македонски народен јазик. Може да се исчита и како буквар и како книга без притоа да се прави некоја јазична анализа – ова, меѓу другото, го истакна универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска на конференцијата „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“, во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, во соработка со колеги, филолози од Грција што се посветени на изучувањето на македонските јазик, книжевност и култура.
Конференцијата следува по онаа за македонистиката што се одржа во декември минатата година, на Универзитетот „Македонија“ во Солун.
– Факт е дека сѐ до појавата на овој АБЕЦЕДАР, македонското дете немало буквар, учебник, па и книга од кои можело да се описменува, да научи да чита и воопшто да чита на својот мајчин, македонски народен јазик. Во тој контекст, може да се споменат само два примера, едниот на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, а другиот на Григор Прличев. Имајќи ја предвид скромната претходница, факт е дека излегувањето на македонскиот буквар насловен како АБЕЦЕДАР е историски чин за нас, Македонците – вели проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Важен настан од времето на учителската работа на Џинот, вели Блаже Конески, е „Таблица перваја“, потпишана со неговите иницијали, чија појава се случила некаде околу 1840 година. Тоа е еден практичен школски текст, сличен на многубројните тогашни т.н. таблици што биле во употреба по училиштата во Грција, Романија, Србија, Бугарија, како и кај нас, во текот на повеќе децении од XIX век или, како што потенцира Ванчо Тушевски: „Таблицата беше на мода и според неа се учеше во многу училишта на Балканот.“ Од друга страна, како што посочи таа, го имаме искуството на Прличев.
– Збирката поезија за деца под наслов „Воспитание и дванадесет песни за деца“ („Воспитание или 12 н’равствени песни“) што ја подготвувал Прличев за објавување уште во 1872 година, доживува неуспех. Таа никогаш не излегува од печат. Но, стои високото мислење што го имал Прличев „за воспитната улога на поезијата, ставајќи ја над филозофијата и науката“, како што подвлече Миодраг Друговац, со што ја актуализира дидактичноста на поезијата за деца во неговото време. Во овој контекст, треба да гледаме на Прличев како на еден потенцијален поет за деца, како што се тоа Јован Јовановиќ-Змај кај Србите, Иван Филиповиќ кај Хрватите или Антон Мартин Сломшек и Фран Левстик кај Словенците. И покрај тоа што Прличев не е поетски уверлив во овие песни за деца, зашто не е естетски сугестивен, тој го има мотивот. Но, вториот Хомер нема поетски здив за да го облагороди тој мотив со култивиран исказ и адекватна форма. Сепак, треба да го читаме Прличев како прв македонски поет за деца.
Мојсова-Чепишевска детално се осврна на содржината на АБЕЦЕДАРОТ. Авторите на букварот внимавале да го означат и акцентот кај третосложните зборови, кој треба да е на првиот слог. И тоа е во правец на правилниот изговор и правилното читање. Како што се учат буквите така речениците стануваат и поголеми и побројни, кои кон крајот прозвучуваат и како мали текстови како, на пример: Јагнето паси во ливадата. Митре јаде јаболко и си касна јазикат. Букварот ја почитува и потребата од илустрација, која функционира како диптих со самата буква и со самиот збор што почнува на таа буква или се врзува со таа буква. Впрочем, детето, така, преку визуализацијата, полесно и побрзо ги учи самите букви и побрзо почнува да чита – посочи Мојсова-Чепишевска.
Таа додава дека навистина е штета што воопшто овој прв македонски буквар не дошол до рацете на македонските деца од Грција, кои ние, во секојдневниот говор, сѐ уште си ја викаме Егејска Македонија, поентираше Мојсова-Чепишевска.