Град Скопје го промовираше новиот образовен профил за техничари за возила на алтернативен погон во Средното училиште „Боро Петрушевски“. Новиот образовен профил се воведува за првпат од оваа учебна година во паралелки со вкупно 50 ученици.

– Скопските средни стручни училишта се лидери во Македонија во овој поглед и стручното образование од година во година е сè попривлечно. Со воведувањето на дуалното образование во образовниот процес во средните стручни училишта, на учениците им се овозможува да се стекнат со практични знаења и да имаат можност веднаш да се вклучат во работните процеси без потреба од доквалификација. Градот Скопје е посветен токму на ваквиот развој на нашите средни училишта, а заедно со вложувањата што ги правиме за обнова и реконструкција на училишните капацитети во средните училишта, поставуваме стандард за тоа како треба да изгледа еден системски пристап во сегментот средното образование во државата – истакна градоначалничката Данела Арсовска.

Техничарот за возила на алтернативен погон по завршување на своето образование ќе може да работи во индустријата за производство на моторни возила и делови за моторни возила, одржување и поправка на моторни возила, односно секаде каде што се вклучени возилата на алтернативен погон.