„Пишувањето на оваа моја книга е резултат на повеќегодишни истражувања, кои претежно се состоеја од консултирање многу написи за населбата и нејзиното население, како и разговори со постарите членови на семејствата од Смоквица. Побудата да ја напишам оваа книга беше предизвикана во моментот кога се најдоа во моите раце две ракописни книги, напишани во различно време. Книгите се насловени со ‘Мртви имиња’, во кои некогашните парохиски свештеници во Смоквица, Ристо Бундов и Христо Трајков, педантно ги запишувале имињата на упокоените членови на секое од селските семејства на крајот од 19 и почетокот на 20 век“, истакнува авторот Ристов
Малата сала на Народниот театар во Гевгелија неодамна беше претесна да ги прими сите оние, претежно од Смоквица, што сакаа да присуствуваат на промоцијата на едно исклучително важно и значајно монографско издание – „Смоквица, населба-население-генеологија“, посветено на населеното место Смоквица, од авторот смоквичанец, м-р Киро Ристов.
И додека во заднина се слушаше музиката на групата „Зијан“, ова пригодно издание, кое има особена важност за смоквичани, беше промовирано од д-р Илија Велев, книжевен историчар и научен советник во Институтот за македонска литература во Скопје.
Во својата исцрпна и вдахновена рецензија пред присутните, Велев ја истакна, пред сè, истражувачката работа на Ристов со која тој докажува дека населеното место Смоквица е исклучително податливо место каде што, вели тој, „се напластиле различни цивилизациски слоеви, кои со векови пред и во новата ера на човештвото ги следеле и ги доживувале интерактивните симбиози во македонскиот историски, духовен, културен и национален идентитет“.
„Денес промовираме монографија пишувана на досега невообичаено и ретко високо ниво, на професионална полидисциплинарна научноистражувачка методологија, анализа и толкување. Оваа монографија е пишувана од искусен автор, веќе етаблиран во археолошката наука, м-р Киро Ристов, кој му пристапил на овој истражувачки и популарен издавачки проект строго професионално, вложувајќи ги сопственото, повеќе од три децении научно искуство, како и својот веќе потврден авторитет на престижен археолог, културолог и, пред сè, интелектуалец“, посочи Велев.
Книгата на Ристов е поделена во три поголеми целини. Во првата, за населбата Смоквица, авторот пишува за потеклото на името Смоквица, кое се поврзува со дрвото и плодот смоква, населено место што за прв пат се споменува во турскиот дефтер со попис на населението од 1750 година. Особено место Ристов им посветува на двете селски цркви, „Свети Димитриј“, изградена во 1830-тите години, и поновата црква „Света Богородица“, за која нема податоци кога е изградена.
Во вториот циклус, население, авторот ги презентира демографско-статистичките податоци за бројот на куќите, семејствата и населението во Смоквица, почнувајќи со турскиот попис од 1570 година, кој евидентирал 25 семејства, па сè до последниот во 2021, кога се евидентирани само 190 жители. Во меѓувреме, населбата во 1948 година броела 521 жители, во 1971- 493, за да во 2002 тој број се намалил на 263 жители.
Третиот, главниот циклус на оваа монографија за Смоквица се однесува на генеологијата, односно на родословот на сите досега идентификувани семејства кои живееле и кои сè уште живеат во ова населено место.
Впечатливо за оваа целина, ќе истакне рецензентот Велев, е фактот што „токму оваа целина од книгата од м-р Ристов на самата монографија ќе ѝ приопшти карактер на своевидна света реликвија за да се чува во домовите на секој по потекло и род смоквичанец“.
Монографијата за Смоквица особено впечатлива ја прави претставувањето на новиот грб и знамето на ова населено место, чие решение го изработил токму авторот Ристов, претставувајќи се како вешт хералдичар.
На крајот, пред присутните се обрати и самиот автор на оваа монографија, смоквичанецот м-р Киро Ристов, кој не ја криеше својата возбуда што промоцијата на ова негово дело е пред толку голем аудиториум.
„Пишувањето на оваа моја книга е резултат на повеќегодишни истражувања, кои претежно се состоеја од консултирање многу написи за населбата и нејзиното население, како и разговори со постарите членови на семејствата од Смоквица. Побудата да ја напишам оваа книга беше предизвикана во моментот кога се најдоа во моите раце две ракописни книги, напишани во различно време. Книгите се насловени со ‘Мртви имиња’, во кои некогашните парохиски свештеници во Смоквица, Ристо Бундов и Христо Трајков, педантно ги запишувале имињата на упокоените членови на секое од селските семејства на крајот од 19 и почетокот на 20 век“, истакна Ристов.
Најпрво, тоа е „Поменикот со мртвите смоквичани“, кои биле запишан во 1893 година на македонски народен јазик со грчко ракописно писмо, зошто во тој период сè уште траело фанариотското грчко влијание во тој дел на Македонија, кога и порано најучените Македонци, како што биле и Миладиновци, пишувале со грчко писмо и на македонски народен говор. Втората книга била напишана во 1915 година, на македонски народен јазик и со црковнословенско писмо.
Двете книги биле зачувани во црквата „Свети Димитриј“, а оваа зачувана писмена документација заслужува нивно репринтно, транскрибирано и транслитерирано печатено издание, како сериозен лингвистички корпус на антропонимски истражувања на македонските лични имиња, презимиња и прекари од тој дел на Македонија.
Ристов со длабока почит им се заблагодари и на: Митра Ѓурѓова, Милева Бундова, Кирил Сулев, Кирил Ристов, Јован Алаџајков, Злата Бундова, Цветко Делиманов, Ристо Проданов, Владанка Дебникова, Шилка Марачкова и Ѓорѓе Дебников. Тој им се заблагодари на сите присутни, на финансиските помагатели, а своето обраќање го заврши цитирајќи ја реченицата што е поместена на почетокот од оваа книга: „Мртвите живеат сè додека им се споменуваат имињата.“ (Љ.А.)