Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ja објави новатa цена на топлинската енергија во Скопје, што ќе се применува од утре. Како што истакна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски за најголемиот систем во Скопје (ЕСМ снабдување) цената на топлинската енергија поскапи за 4,51 процент. За оние кои се приклучени на Топлификација Скопје Север и Железарското парно, цената на парното греење минимално поевтинува.

Тоа на сметка од 1.000 денари, значи зголемување од 45 денари, а на просечна сметка од 1.800 денари колку што е во Скопје, зголемувањето е 80 денари.

– Оваа одлука не ја носевме се додека не добивме цврсто уверување за поставувањето на цевководот под мостот „Беласица“. Тоа во пракса значи дека цената за топлината што ја утврдивме и за ТЕ-ТО со оваа одлука, е за повеќе од два пати пониска од цената на топланите во Скопје. Со овие одлуки цената за граѓаните останува во опсег стабилна, а трите компании на ЕСМ за снабдување, дистрибуција и производство на топлинска енергија се практично приморани што побрзо да го стават во функција топловодот Беласица за системот да работи економично и во целост да ја користи топлинската енергија од ТЕ-ТО. РКЕ водејќи се од интересот на потрошувачите поставува финансиска рамка и праќа сигнал за максимално економично работење на ќерките фирми на ЕСМ. Со работата на ТЕ-ТО и функционирањето на топловодот Беласица просечна сметка за топлинска енергија изнесува 1.800 денари, без работа на ТЕ-ТО 2.800 денари, што е разлика во цена од 60 проценти – објасни Бислимоски.

Со оваа одлука требаше да се врати позајмицата на Владата од 6 милиони евра, дадена во јануари 2022 година .Бислимоски изрази благодарност до Владата да не се вратат одеднаш 6 милиони евра, туку само 35% .

– Со оваа одлука се водиме, пред се, кон интересите на потрошувачите. Успеавме да одржиме ценовна стабилност во делот на топлинската енергија. Во однос на железарското греење кое го прави ЕСМ Енергетика, цената е незначително намалена, како и во Скопје-Север. Сето ова обезбедува услови за сигурно и стабилно функционирање на системот за топлинска енергија во Скопје – укажа Бислимоски.

Според него, иднината на системот за топлинска енергија во Скопје е поврзување на мрежата и една цена за сите потрошувачи во државата.

– Замолувам да се преземат сите мерки за мрежата во Скопје-Север и во Железара да се поврзат со најголемата мрежа, за сите да добиваат иста цена за топлинска енергија. Верувам дека наредната година ќе се случи поврзување на сите мрежи. Тоа е единствен и исправен начин за оптимално функционирање на системот – побара Бислимоски.

ЕСМ побарала 50% покачување на цената на парното. Бислимоски потенцира дека на последниот тендер за набавка на природен гас за топланите, цената е вообичаена и е во рамките на цената на најголемата берза во Европа.

– Водевме сметка кога ги анализиравме трошоците на компаниите и во најголем дел се намалени со цел да поттикнеме поефикасно и поекономично работење. Факт е дека трошоците за набавка на енергенски се зголемени. Сега кога ги чуствуваме последиците од кризата, а цената на гасот е намалена. Компаниите треба да ја зголемат својата ефикасност и продуктивност. За 5 милиони евра сме ги намалиле трошоците кои ги побараа компаниите – рече Бислимоски.

Одлуката за новата цена требаше да биде донесена во август годинава, но беше одложена поради оштетувањето на топловодот на мостот „Беласица“, што беше опожарен и се чекаше старт на работите за санација. Вообичаено РКЕ носи две одлуки за парното годишно, првата на почетокот на август, а втората во декември. Годинава, како што кажа Бислимоски, ќе донесат само една одлука за цената која ќе важи во текот целата година.

Во Скопје има околу 60.000 корисници на топлинска енергија. Во реоните каде што има парно греење трафостаниците не се димензионирани за греење со електрична енергија поради што Бислимоски очекува да продолжи субвенционирањето на цената на греењето од страна на Владата.

(С.Бл.)