Ниската откупна цена последниве години и зголемениот увоз на јаболка годинава ги извадија на површина слабостите на целиот земјоделски сектор. Овоштарите од Ресенско велат дека како што тргнала работата за десетина години ќе останеме без јаболка, бидејќи погрешната аграрна политика во последните 30 години ги избрка младите земјоделци надвор од државата. Тие обвинуваат дека увозот од Србија и Албанија ја крена цената и граѓаните сега на пазарите купуваат скапи јаболка

 

Ниската откупна цена последниве години и зголемениот увоз на јаболка годинава ги извадија на површина слабостите на целиот земјоделски сектор. Овоштарите од Ресенско велат дека како што тргнала работата за десетина години ќе останеме без јаболка, бидејќи погрешната аграрна политика во последните 30 години ги избрка младите земјоделци надвор од државата. Тие обвинуваат дека увозот од Србија и Албанија ја крена цената и граѓаните сега на пазарите купуваат скапи јаболка.

-Сите се одговорни за ваквата состојба во земјоделството. Погрешната стратегија на Владата, во која вистинскиот земјоделец никогаш не беше во фокусот, ги избрка младите земјоделци надвор од државата. Покрај другите земјоделски култури, последниве години значително е намалено и производството на јаболка. Многу ниви со јаболка стојат така и никој ниту ги одгледува, ниту ги бере, вели за весникот ВЕЧЕР, Стевче Радевски, производител на јаболка од Ресен.

Тој додава дека како тргнало за 10 години и јаболката ќе ги снема од македонските ниви.

Овоштарите велат дека годинава родот е намален и до 70 отсто и оти нема јаболка. Според нив, откупната цена годинава не е толку ниска, но проблем е зголемениот увоз кој ја спушта цената на домашните јаболката. Откупната цена на „ајдаред“ е 18 и 20 денари за килограм, на „муцо“ – 30 денари, на „црвен“ и „златен делишес“ – 30 денари за килограм.

-Поради лошите временски услови, односно обилните врнежи пролетта, кои доведоа до појава на болести, родот годинава е намален за 70 отсто. Поради тоа што годинава немаме доволно јаболка се дозволи увоз од Србија, Албанија… кои ја спуштаат цената на домашните јаболка. И ова е резултат на погрешната политика на Владата, бидејќи кога откупната цена е ниска тогаш Владата е немоќна да помогне, а кога е висока тогаш реагираат со увоз за да ја спуштат, појаснува Радевски.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека во Македонија е дозволен увоз на јаболко од Србија, Албанија па дури и од Молдавија на штета на македонското квалитетно јаболко.

-Годинешната реколта е катастрофална каде што мал удел имаа временските услови во Македонија, а поголем дел од одговорноста припаѓа на Владата и МЗШВ заради погубните политики во земјоделството. Изминативе дваесетина дена во Македонија е дозволен увоз на јаболко од Србија, Албанија па дури и од Молдавија на штета на македонското квалитетно јаболко, а исто така во овој регион откупната цена е далеку под производната цена додека крајниот потрошувач на пазарите ширум Македонија купува скапо јаболко, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Овоштарите се согласни дека поради климатските промени и лошата аграрна политика на државата за 10 години и јаболката ќе ги снема од македонските ниви.

(А.С.)