Производи што содржат микропластика штетна за животната средина, од 15 октомври се повлекуваат од европскиот пазар, што предизвика гнев во јавноста. Како што пишуваат германските медиуми, а пренесува магазинот „Феникс“, регулативата на ЕУ ги опфаќа сите синтетички полимерни честички под 5 милиметри што се органски, нерастворливи и тешко се распаѓаат.
Микропластиката најмногу се користи за светки, козметички производи, детергенти за перење, производи за чистење, играчки, ѓубрива, производи за заштита на растенијата, лекови.
Забраната сега првенствено се однесува на светките и на козметичките производи што содржат микромониста. Тоа се мали пластични топчиња што се користат, на пример, за пилинг на кожата. Исто така, микропластиката се користи на вештачки спортски површини.
Според Европската комисија, ова е најголемиот извор на свесно користена микропластика во животната средина.
– Забраната на намерно додадена микропластика ќе реши сериозен проблем за животната средина и здравјето на луѓето. Микропластиката се наоѓа во океаните, реките и на копното, како и во храната и во водата за пиење. Ова ограничување влијае на многу мали честички, но е голем чекор кон намалување на акцијата на загадувањето предизвикано од човекот – вели еврокомесарот за животна средина.
Проблемот со микропластиката е што пластичните предмети од која било големина не се распаѓаат лесно на безопасни молекули. На пластиката може да ѝ бидат потребни стотици или илјадници години за да се распадне, а во меѓувреме предизвикува хаос во животната средина.
Европската комисија деновиве донесе одлука да ја ограничи употребата на микропластиката во форма на светки, која намерно се додава во козметиката и во разните сјаеви, поради што трговците подготвуваат промотивна продажба токму на вакви производи. Оваа мерка не се однесува само на козметичката индустрија туку има и поширока импликација.
Студијата на Меѓународната унија за зачувување на природата, која го објави зголемувањето на производството на пластика, исто така, ги разгледа главните извори на примарна микропластика. Тоа се: 35% синтетички текстил, 28% гуми, 24% градска прашина, 7% ознаки на патиштата, 2% производи за лична нега и 0,3% пластични пелети.
Годишното количество пластика произведено во 1950 година изнесувало 1,5 милион тони, а до денес се произведени над 300 милиони тони.