Натпреварите во боб, санкање и во скелетон на Зимските олимписки игри во 2026 година ќе се одржат надвор од Италија, односно надвор од земјата домаќин.

Италијанската Влада се откажа од изградбата на центар за лизгање во Кортина д‘Ампецо, изјави претседателот на Организацискиот одбор, Џовани Малаго.

  • Пред два дена, италијанските власти се откажаа од овој скап проект и решија да бараат постојна и функционална локација – истакна Малаго на состанокот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) во Мумбаи.

Олимписките игри во 2026 година ќе се одржат во Милано и во Кортина д‘Ампецо.

Австрискиот град Инсбрук, кој се наоѓа на 400 километри североисточно од Милано, пред неколку недели се понуди да биде домаќин на настанот за лизгање. Овој град воедно беше организатор на Зимските олимписки игри во 1976 година.

  • Австрија е потенцијален кандидат и со задоволство ќе ја поддржиме оваа одлука – изјави претседателот на Австрискиот олимписки комитет, Малаго Карл Стос.

Малаго потврди дека размислува за локации надвор од Италија. Сепак, предупреди дека таквиот потег може да има влијание врз буџетот на ЗОИ за 2026 година, кој треба да изнесува околу 1,5 милијарди евра.