Филипче и Меџити за “ракот” во здравството пред Анкетната комисија

511

Пред Анкетната комисија која треба да да утврди политичка одговорност за скандалот со лековите на Клиниката за онкологија, денеска треба да бидат сослушани поранешниот и актуелниот министер за здравство Венко Филипче и Фатмир Меџити.

Пред пратениците, како што кажа претседателката на комисијата Рашела Мизрахи прв ќе зборува Филипче, а потоа Меџити.

Комисија вчера донесе неколку заклучоци меѓу кои одговорните на клиниката за онкологија да ги спроведат препораките на државниот ревизор од извештајот за 2021 година, да изготват медицински протоколи за приклучување на пациенти на биолошка терапија, и да спроведат попис на сите средства согласно правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници.

Државниот завод за ревизија во март годинава објави ревизорски извештај, каде меѓудругото, се наведува дека се набавувала биолошка терапија, а немало доволно пари за тоа, немало ниту медицински протоколи, односно упатства со кои ќе се воспостават правила и критериуми за приклучување на пациенти на биолошка терапија.

Инаку досега пред Анкетната комисија, за случајот на злоупотреби од медицински работници кои давале физиолошки раствор наместо цитостатици зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот министер за здравство Беким Сали.

Министерот Оливер Спасовски кажа дека освен кривична, се водат и финансиски истраги за околу седум лица поврзани со  продавање на лекови наменети з а болните од рак од поединци во белите мантили кои положиле Хипокритова заклетва.

Тогаш Спасовски рече дека секој за кој ќе се утврди вина, ќе  понесе одговорност пред надлежниот суд и на крајот да биде осуден.

Во меѓувреме за скандалот на Онкологија Јавното обвинителство се уште води истрага, а протести организираат групи пациенти и членови на семејствата на починати од рак.