Стано: Не видовме задоволителни чекори кон вистинска деескалација, нема друг пат за Белград и Приштина

325

Портпаролот на Европската унија Петер Стано изјави дека земјите-членки на ЕУ не виделе доволно задоволителни чекори кон вистинска деескалација и оти за Белград и Приштина нема друг пат освен дијалог.

„ЕУ е посредник во дијалогот. Нема ништо ново да се каже, патот кон ЕУ на Србија и Косово неминовно оди преку дијалог. Двете страни мора да разберат дека дијалогот мора да продолжи. Кога станува збор за истрагата за настаните во Бањска, повторувам, кога ќе заврши истрагата, кога ќе се утврди кој стои зад нападот, тогаш можеме да преземеме одредени чекори“, рече Стано.П

Тој додаде дека ЕУ неколку пати јасно ставила до знаење дека е подготвена за рестриктивни мерки.

„ЕУ е јасна, ако нема деескалација, ако ситуацијата ескалира, подготвени сме да воведеме одредени мерки, од кои некои се веќе презентирани. Ние сме подготвени, доколку членките на ЕУ оценат, да воведеме мерки, не само против Косово, но и против Србија. Тие мерки се флексибилни, бидејќи може да се воведат, да се ублажат или укинат“, посочи Стано.

Тој рече дека Брисел во моментов е заинтересиран да види јасни чекори кон деескалација, двете страни да се вратат на дијалогот и се чека извештај за настаните од 24 септември.

„Од Србија очекуваме целосна соработка, ако има волја, има начини за соработка, не е наша работа да испраќаме порака преку јавноста, нашите српски партнери многу добро знаат што треба да направат и што се очекува од нив. “ изјави Стано.