За министерот за финансии Фатмир Бесими, сериозна финансиска инјекција за економијата се новите инструменти на пазарот на капитал и во Развојната банка, кои им даваат поголема шанса на претпријатијата, преку ваков сеопфатен процес, да станат поконкурентни на европскиот пазар и да се соочат со предизвиците на тој пазар. Министерот го кажа ова на регионалната конференција на тема „Open4Business – Made in the Western Balkans – Supported by EU”  во организација на Европската комисија и во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и „Western Balkans 6 Chamber Investment Forum“ (WB6CIF)

 

 

Иницијативите кои се преземаат на национално ниво, со кои се обезбедуваат финансиски средства за поддршка на економијата, заедно со иницијативите што се воспоставени во оваа насока од нашиот партнер – ЕУ, им даваат поголеми шанси за претпријатијата, преку ваков сеопфатен процес, да станат поконкурентни на европскиот пазар и да се соочат со предизвиците на тој пазар. Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на регионалната конференција на тема „Open4Business – Made in the Western Balkans – Supported by EU” во организација на Европската комисија и во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и „Western Balkans 6 Chamber Investment Forum“ (WB6CIF).

– Во период во кој се соочуваме со кризи, исправени сме пред неколку предизвици: да се обезбеди фискален баланс, да се спроведе фискална консолидација, а, од друга страна, да се обезбеди раст. За таа цел, по примерот на ЕУ и Јункеровиот план, подготвивме план за забрзан економски раст, кој содржи насоки како да го поддржиме растот во време на криза, но и да добиеме различни форми на финансиски инструменти за да постигнеме просперитет и развој – рече министерот за финансии.

Тој се осврна на инструментите што ги воведе Министерството за финансии, како граѓанската обврзница, зелената обврзница, структурната обврзница.

Ова, како што дополни, се нови инструменти на пазарот на капитал, кои ги издаде Владата оваа година, но има и други иницијативи, како што се Гарантниот фонд во Развојната банка, кој поддржува домашни компании и служи да го подобри пристапот до финансиите преку деловните банки, со гаранција од Развојната банка. Потоа, инструмент преку кој се обезбедуваат гаранции за извозни компании, каде што има обезбедени 10 милиони евра за развој и 15 милиони евра за гаранции за инвестиции, исто така преку Развојната банка. Минатата недела е воспоставен  Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка, кој, меѓу другото, ќе се финансира од зелената обврзница и ќе ги поддржува малите и средните претпријатија. Дополнително стојат на располагање и 150 милиони евра за претпријатијата од Европската инвестициска банка и од Банката за развој на Советот на Европа.

Ова, според министерот, претставува сериозна инјекција за приватниот сектор за време на овој период од повеќе кризи, но, исто така, претставува и поддршка на процесот на зелена транзиција и конкурентноста на нашите компании на идниот заеднички европски пазар.

Министерот потенцира дека е значајно во обезбедувањето финансиски средства тоа што имаме блиски партнери во Европа, од каде што оваа година РС Македонија доби грант од 80 милиони евра за справување со кризата и дополнителни 100 милиони евра буџетска поддршка за сите политики.

 – Ова е важно за деловната заедница, бидејќи за овие 100 милиони евра, ЕУ ќе издаде обврзница за нас и ние ќе добиеме средства со ниска каматна стапка и средства што се од заемен интерес за сите граѓани и за нашата определба за членство во ЕУ. Важно е дека овој процес е во интерес на сите и дека заедничка цел е просперитетен и успешен континент – рече министерот Бесими.

Во тој контекст, посочи, ваквите конференции се добар пример за да се изгради здрава мрежа на соработка и како подобро да се искористат можностите.  Во ноември ќе следува уште еден настан, кој се однесува на тоа како оптимално да се искористат средствата што ни стојат на располагање преку европските фондови и како да ги поврземе тие програми со остварувањето на политичките приоритети и со компонентата на раст.

 (В.Ма.)