Ќе се градат нови споменици-УЧК ќе добие Музеј во Арачиново

52
Фото: Принтскрин

Градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибрахими, најави дека во општината ќе се изгради музеј на УЧК, но дека сѐ уште не е избрана локацијата,а Министерството за одбрана информира дека започнале постапка за изградба на споменици за загинатите бранители во 2001 година.

-Сè додека не е избрана локацијата кој што ми е приоритет, потоа постојат различни форми на тоа како. Тоа е едно од тие ветувања што ги дадов, на Арачиново припаѓа музејот на ОНА, Арачиново има историја за големиот придонес што го даде за време на војната, изјави Ибрахими за ТВ 21.

Од Министерството за одбрана информираа  дека постапката за изградба на спомениците на загинатите бранители во месноста Љуботенски бачила, на Карпалак и во Вејце е започната, а од Здружението на бранители, „Достоинство“ побараа од трите парламентарни партии од македонскиот политички блок измена на Законот за меморијални споменици и спомен обележја и изградба на споменици на загинатите бранители.

-Со оглед на обидот на градоначалниците на општините до кои беше поднесена иницијативата да ја политизираат оваа иницијатива, министерката за одбрана Славјанка Петровска, сакајќи да се зачува ликот, делото и жртвата на загинатите бранители, започна со постапка за која не е потребна согласност од општините, а ќе овозможи изградба на овие споменици на споменатите локации, соопштија  од Министерството за одбрана.

Со заклучок на седницата на Владата одржана на 28 септември, како што појаснуваат од Министерството за одбрана, Владата ги задолжила Министерството за одбрана и надлежните институции, местата на кои загинале македонските бранители да бидат доделени на Министерството за одбрана.

-Постапката е веќе започната и е во тек, соопштуваат од Министерството за одбрана.

Во април годинава, Министерството за одбрана со иницијатива до градоначалникот на Тетово, Билал Касами, и до претседателот на советот на општината, Беса Дурмиши, побара да се постави спомен обележје во чест на загинатите припадници на безбедносните сили во масакрот кај Вејце.  Оваа иницијатива  беше поддржана само од шест советници, двајцата на СДСМ и четири на ВМРО ДПМНЕ, додека советниците од Движење Беса, ДУИ, ДПА и Алтернатива гласаа воздржано па предлогот не беше ставен на дневен ред.