Мицкоски: Се надевам дека Ковачевски не е турист на владините седници кога се носат закони како оној за амнестија

41

Не стивнуваат реакциите за предлог-законот за амнестија, а во четвртокот, министерот за правда Кренар Лога  најави  дека за десетина дена  предложениот закон ќе се најде пред пратениците во Собранието.

Денеска, од Демократскиот сојуз побараа премиерот Димитар Ковачевски да го повлече овој предлог-закон, бидејќи, како што стои во соопштението од ДС, „овој закон е политички пазар помеѓу коалициските партнери СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците и продолжение на неодамнешните измени на Кривичниот законик со кои брутално е нападнат правниот поредок“.

– Господине Ковачевски, немојте да се мачите да пишувате амандмани на закон кој го предлага Владата со која раководите Вие. Ќе има илјадници амандмани и бидете сигурни дека законот нема да помине. Инаку, знаете ли на што личите сега со најавата за амандмани? На јавноста ѝ испраќате порака: „Имам свое мислење, но не се согласувам со истото“ – соопштуваат од Демократскиот сојуз.

Оттаму нагласуваат дека Владата го урнисала системот на владеење на правото и ги загрозила евроинтеграциите на Република Македонија.

– Воедно, ја повикуваме Европската Унија да изгради јасен став во врска со измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за функционерите, како и за најновиот предлог-закон за амнестија со кој ќе се амнестираат лица сторители на тешки кривични дела. Повеќе од јасно е дека сето ова, како и најавите за дополнителни амнестии, се прави наводно за да се изгласаат уставните измени со кои се предлага Бугарите да бидат вградени во Уставот, а суштината е неказнивост на функционерите  и да се остане ден повеќе на власт – стои во соопштението од Демократскиот сојуз.

Од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, велат дека Законот за амнестија и неодамнешните измени на КЗ значат упад во правната држава и се прават шверцерски, интерно само внатре во владината коалиција, без јавна расправа и консултации со експертите, што само зборува дека се работи за партиско-политичка операција. Мицкоски посочи дека иако предлог-законот сè уште не е влезен во собраниска процедура, веќе се зборува за амандмани што доаѓаат од самата Влада.

– Па што правеле, се поставува прашањето, сите тие на таа владина седница кога се разгледувал овој закон? – потенцира Мицкоски.

Тој повтори дека се подготвуваат амандмани за блокирање на предложениот закон и дека немале да дозволат да се оствари ветувањето што им го дала власта на криминалците.

– Се надевам дека Ковачевски не е турист на владините седници и кога ќе дојдат предлог-текстовите на законите, добива детална информација за нивната содржина, а особено за вакви, би рекол, многу специфични закони и самиот ги чита. Доколку не го прави тоа, тогаш треба час поскоро да си замине од местото што го зазема во моментов, затоа што не е достоен за тоа место – изјави Мицкоски.

Во четвртокот, министерот за правда Кренар Лога посочи дека за усвојување на предлог- законот за аменестија очекува поддршка од сите пратеници и политички партии, бидејќи, како што истакна, „ова не е за секојдневната политичка агенда“, туку, произлегува од неговата посета на затворот „Идризово“.

– Видовте и сами дека државата не е на ниво, на тоа што го бара законот и на тие стандарди што се дел од нашиот систем. Очекувам поддршка и, освен албум со слики од мојата посета, ќе купам и огледало за да се гледа секој пратеник пред да гласа за овој закон. Јас носам одговорност за условите за овие шест месеци, сите други треба да сносат одговорност од 1945, а особено од 1991 година – истакна Лога.

Опозицијата предупреди дека со измените на Законот за амнестија се ослободуваат учесници во тешки кривични дела, како учесници на странски боишта или осудени за случај со убиства. Одредени медиуми пренесоа дека со измените, двајца осудени за помагање за маскарот кај Смиљковското Езеро, Хаки и Фејзи Азири, ќе бидат ослободени од затвор.

Со новиот Закон за амнестија се предлага на осудениците на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, сосема да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.