Пиперките со отровниот пестицид ќе бидат уништени ако дојдат назад во Македонија. Пестицидот, кој е опасен за здравјето на луѓето, е  откриен во нашата пиперка што требало да биде увезена во Хрватска, објави Европскиот систем за брзо предупредување во прометот на храна (РАСФФ). Имено, добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот „форметанат“ и вредност која  претставува сериозен ризик за здравјето. Од страна на хрватските власти забранет е увоз на спорниот производ.

 

 

Доколку пратката со небезбедните пиперки се врати во земјава, Агенцијата за храна и ветеринарство  ќе издаде налог за нејзино  уништување кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата. Ова следеше по веста дека забранет токсичен пестицид е откриен во македонски пиперки што требало да бидат увезени во Хрватска, која ја објави Европскиот систем за брзо предупредување во прометот на храна (РАСФФ).

– Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 20.09.2023 година преку Системот за предупредување за небезбедна храна на Европската унија РАСФФ доби нотификација за небезбеден производ од категоријата овошје и зеленчук извезен од нашава земја – свежи пиперки наменети за пазарот во Хрватска. При спроведена гранична контрола земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуи од пестициди. Имено, добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот форметанат и вредност која  претставува сериозен ризик по здравјето на луѓето. Од страна на хрватските власти забранет е увоз на спорниот производ. Доколку пратката со небезбедните производи се врати во земјава, АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата.

Инаку форметанат е исклучително ефикасен инсектицид кој се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји се уште го користат, но во Европската Унија е забранет поради сомневање дека може да влијае на здравјето на луѓето.

Форметанатот е многу акутно токсичен ако се проголта орално, умерено токсичен ако се вдишува и има ниска акутна токсичност ако се нанесува на кожата.

Во 2022 година, Европската комисија претстави предлог закон кој  овозможува намалување на употребата и ризикот од хемиски пестициди до 50 проценти до 2030 година. Тој беше пречекан со отпор од неколку земји членки на ЕУ.

Беа побарани поостри правила во спорот околу значителното намалување на пестицидите во европското земјоделство, повеќе даноци за пестициди, поголемо намалување на особено опасните пестициди, како и компромиси за целосна забрана на хемикалии во многу чувствителни области.

Во меѓувреме, Хрватска се сложи со новите правила, словенечките земјоделци, пак излегоа на масовен протест и побараа од Владата да ја отфрли регулативата, а во Германија, предлогот ги извади земјоделците на улица. Српскиот список на дозволени препарати се уште не е целосно усогласен со ЕУ, но секоја година одреден број препарати се бришат од него.