Услугата помош и нега во домот е достапна за 45 стари лица во општина Пласница. Услугата ја спроведува здружението за поддршка на идентификувани и потенцијални ранливи групи – „Жртва“, кое заедно со општина Пласница добија грант за нејзин развој во рамки на проектот за подобрување на социјалните услуги.
-Ми претставува вистинско задоволство што во придобивките на социјалната реформа е достапна и за најстарите жители на општина Пласница. Горди сме на резултатите постигнати преку проектот, но многу поважно е задоволството на корисниците и негувателите – изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, при посетата на Пласница.
Таа додаде дека нивните истражувања покажале оти има огромно задоволство од услугата. Притоа, апсолутно мнозинство од корисниците изјавуваат дека услугата помош и нега во домот го унапредила квалитетот на нивниот живот.
-Задоволството е видливо и кај негувателите, 99% од нив изјавуваат дека ангажманот како негувател, целосно или делумно го унапредил квалитетот на нивниот живот – истакна Тренчевска.
Покрај грижата и негата која старите лица ќе ја добијат во своите домови, со воведување на новата услуга се овозможени и нови вработувања на ранливи категории граѓани кои добиваат можност да станат сертифицирани негуватели. Токму тоа е и двојната придобивка од спроведувањето на социјалните услуги. Конкретно, за спроведување на услугата помош и нега во домот во Пласница се ангажирани 15 сертифицирани негуватели кои ќе им го олеснат секојдневието и значајно ќе го подобрат квалитетот на живот на старите лица.
Соработката со општините е исто така значаен аспект во обезбедување на достапноста на социјалните услуги, а на тоа се осврна градоначалникот на општина Пласница, Алија Јаоски.
– Многу сум благодарен на Министерството за поддршката. Поддршката покажува дека не постојат мали и големи општини кога станува збор за грижата за граѓаните. Посебно сум среќен што старите лица во Пласница, кои се многу поврзани со своите домови, ќе добијат грижа и нега во своите живеалишта“ – изјави Јаоски.
Од здружението „Жртва“ исто така потенцираа дека оваа услуга е многу значајна за старите лица во Пласница на кои сертифицираните негуватели им помагаат во секојдневните активности, редовност во здравствените прегледи, личната и хигиената во домот и останати активности.
Инаку, во рамки на проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, досега е овозможено воведувањето на разновидни социјални услуги, преку 34 поединечни проекти што се спроведуваат во 41 општина.
За давање на услугите досега се обучени и ангажирани над 300 лица, а истите се достапни за повеќе од 1.200 корисници.