Парада на картонски костими на роботи, пеперутки, самовили… низ Дебар Маало     

74

Костими на роботи, пеперутки, самовили и чудовишта, лепени и исцртани, ќе се создаваат од децата во рамките на креативната работилница „Авантурите од картон“, која ќе се одржи на 22 септември, од 12 до 16 часот, во ОУ „Коле Неделковски“ и на која ќе биде претставена уникатноста на детската перспектива. Работилницата ќе ја водат менторите Доротеј Нешовски, интердисциплинарен уметник и Ана Трајковска, визуелна уметница.

Работилницата ќе биде наменета за игра со картонски парчиња, боење, забава и пополнето креативно слободно време, а во целиот процес може да се вклучат и возрасните. За изработка на своите костими, децата учесници ќе може да користат секаков картон, но и лепило, боја, ластици, дрвца, мониста, боички…

На крајот од работилницата, децата учесници ќе продефилираат со изработените костими по дебармаалските улици и ќе ги покажат своите креации.

– Дојдете на „Маалски фестивал“ и засведочете за шаренилото на детската перспектива – повикуваат од  КСП „Центар Јадро“, кој е организатор на „Маалскиот фестивал“, во чии рамки ќе се одржи оваа работилница.

Сите заинтересирани треба да се пријават на електронската адреса dorotej.arts@gmail.com, преку формуларот за учество, а работилницата има ограничен број од 15 учесници. Возраста на децата учесници е од 9 години, па нагоре.