Викендов подигнати 30 кубни метри отпад од диви депонии  

62

Во текот на изминатиот викенд, екипите на јавното претпријатие Комунална Хигиена отстраниле дваесетина диви депонии лоцирани во општините Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир и Карпош. При тоа, биле подигнати вкупно 30 кубни метри кабаст, градежен и мешан комунален отпад одложен на јавни и сообраќајни површини.

Од претпријатието информираат дека во општината Аеродром, активностите се одвивале на улицата „Венијамин Мачуковски“ и булеварот „Видео Смилевски-Бато“, во општината Чаир се расчистувале дивите депонии на улицата „Методија Митевски“, додека во општината Центар бил отстранет непрописно одложен отпад на улицата „Кирил и Методиј“ и во реонот на скопското Теќе.

ЈП Комунална Хигиена во текот на викендот отстранила и неколку диви депонии лоцирани во населбите Козле и Трнодол, во општина Карпош,  како и на повеќе локации на главната улица во општината Ѓорче Петров.