Во Музејот на современата уметност – Скопје, вечерва (20 часот) ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ (Bitter Sugar) на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Куратори на овој комплексен мултимедиен проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимации и видеа, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации, кои истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови.

Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност.