Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон, изјави дека е целосно убеден дека неговиот тим може да ја прекине доминацијата на Ред бул во следните неколку години. Ред бул доминира во конкуренцијата во последно време, а возачот Макс Верстапен е на добар пат до третата последователна шампионска титула.

Холанѓанецот победи во Монца минатата недела, што беше негова рекордна десетта победа по ред. Ред бул победуваше на секоја трка оваа сезона, а Мерцедес е втор во генералниот пласман. Хамилтон е четврти во шампионатот за возачи, а неговиот тимски колега Џорџ Расел е седми.

Хамилтон го продолжи договорот и ќе остане во Мерцедес до крајот на 2025 година.

  • Целта во тие две години е да се бориме најдобро што можеме и да ја освоиме титулата. Ние сме втори во конструкторскиот шампионат и сакаме да го симнеме Ред бул од тронот. Јас сум убеден дека можеме да го направиме тоа – изјави Хамилтон за „Скај спортс“.

Со новиот договор, Хамилтон ќе се трка и како 40-годишник, а не се знае дали ќе вози во 2026 година, кога ќе стапат на сила новите правила во Формула 1.

  • Долгорочно, размислувам за новиот договор, како ќе изгледа, колку долго ќе биде. Планирам да бидам тука некое време. Но, може да се промени тоа, би можел да се вратам следната година и да кажам: „По ѓаволите!“. Кој знае? Никогаш не знаеш каде ќе бидеш, но сега сум фокусиран на тоа да останам позитивен секој ден – изјави британскиот возач.

Следната трка во Формула 1 шампионатот се вози на 17 септември, за Големата награда на Сингапур.