Макроекономската стабилност во Македонија е задржана и покрај глобалната криза

Бесими – Соса: Економијата е на здрави фундаменти

34

Земјава успеа да ги зачува стабилноста и здравата макроекономска поставеност и покрај турбулентниот период проследен со неколку глобални економски кризи. Ова беше истакнато на средбата помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и новиот регионален претставник за Западен Балкан на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Себастијан Соса, кој ќе ја извршува оваа функција во следните три години

 

Земјава успеа да ги зачува стабилноста и здравата макроекономска поставеност и покрај турбулентниот период проследен со неколку глобални економски кризи. Доказ за тоа е и одобрувањето на ПЛЛ- аранжманот од 530 милиони евра, кој се доделува на држави со здрави економски фундаменти, беше истакнато на средбата помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и новиот регионален претставник за Западен Балкан на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Себастијан Соса, кој ќе ја извршува оваа функција во следните три години.

– Во Република Северна Македонија, како и во останатите земји, се чувствува влијанието од континуираниот кризен период. Преземаме континуирани мерки за справување со глобалните влијанија со цел да се одржи стабилноста и за придонес кон заштита на стандардот на граѓаните. Во тие напори од ММФ минатата година, а врз основа на оцената за здравоста на политиките што ги спроведуваме, беше одобрен и пристап до поволни средства во износ од 530 милиони евра преку ПЛЛ-инструментот за претпазливост и ликвидност – рече министерот Бесими на средбата.

Посочувајќи дека управувањето со јавните финансии е особен предизвик во турбулентно економско опкружување, наметнато со здравствената и енергетската криза, која ги измести речиси сите економии од нивната траекторија на раст, Бесими наведе дека буџетот за оваа година е креиран да помогне да се ублажат последиците од кризата, да се обезбеди непречено финансирање на евроатланските интеграции, да се исполнат стандардите на НАТО, но и да се постават темелите за економско закрепнување и да се обезбеди забрзување на економскиот раст. Притоа, солидна основа за забрзување на растот на среден рок е поставена во Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Планот за јавни инвестиции и во Планот за забрзан економски раст.

На средбата, исто така, беше истакнато дека се продолжува со напорите за фискална консолидација и дека од почетокот на кризата наваму, се забележува постепено намалување на буџетскиот дефицит, со цел тој да се спушти под 3 отсто на среден рок, согласно со мастришкиот критериум, а преку подобрување на наплатата на буџетските приходи со мерки за намалување на сивата економија и зголемена ефикасност на администрирањето на приходите, потоа намалување и реструктуирање на буџетските расходи преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци и ревидирање на методологиите за трансфери и субвенции и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, односно нивна поголема диверзификација.

Оваа функција во ММФ досега ја извршуваше Штефани Ебле, на која министерот ѝ се заблагодари за досегашната соработка и ѝ посака успех во натамошните ангажмани.