Сите тетовски градинки, без исклучок, се места каде што има огромни купишта смет оставени покрај преполните контејнери, па наликуваат на депонии во урбана средина. Кај градинката „Поток“, комуналното претпријатие ги отстрани контејнерите од пред објектот со цел да се оневозможи оставање смет пред самиот влез. Беше поставен само еден контејнер во дворот, зад објектот, за потребните на градинката. Но, сега, иако е во внатрешноста, и тој контејнер се полни и се создаваат поголеми купишта. Дел од соседите сметаат дека одговорноста е во вработените во градинката.
– Се соочуваме со непријатна миризба, ѓубре низ цело маало и собирање кучиња поради остатоците од храна што ги фрлаат од градинката. Не може да се седи во двор, ниту, пак, да се отвори прозорец. Ѓубрето е извор на бактерии, а деца играат и во градинката и во маалото – велат жителите.
Директорката на општинската JУДГ „Младост“ – Тетово, Фатлинда Јаја, вели дека во градинката „Поток“ се соочува со несовесност на граѓани, пред сè од други населби и населени места. Објаснува дека секоја градинка има контејнер за своите потреби, но дека се злоупотребува тоа од граѓаните, кои и покрај преполните садови, оставаат купишта смет.
– Внатре во градинките, контејнерите се предвидени само за потребите на градинките. Не создаваме многу смет. Главната кујна е во „Тетекс“, таму има повеќе смет. Во „Поток“ се фрлаат само еднократните пелени. Сега има и случаи кога, пример, се коси тревата, па има малку повеќе, но одговорно тврдам: поголемите количини смет се од граѓаните. Погледнете каков смет е фрлен и ќе ви стане јасно. Таков отпад нема во градинките – изјави Јаја.
Љуљзим Шаќири од ЈКП „Тетово“ тврди дека тековно се собира сметот и, исто така, потенцира дека граѓаните не треба да оставаат смет покрај преполните контејнери.
– Каде што имавме контејнери, ги тргнавме од пред градинката „Поток“. Моравме за потребите на градинката да ставиме еден внатре, пак фрлаат и соседите од други места. Тековно се собира сметот, но има некои локации кои граѓаните ги сметаат како депонија и оставаат. Пример, имаме некои рурални општини каде што не се извршува соодветно собирањето на сметот како што треба од фирмите концесионери, па на граѓаните им останува сметот дома. Што прават тие, го носат сметот во Тетово и го оставаат покрај преполните контејнери. Ние пробуваме максимално да се подигаат контејнерите, намалени се количините смет што се оставаат, заминаа печалбарите – истакна Шаќири.
Купиштата смет каде што има остатоци од храна се причина да бидат присутни многу бездомни кучиња околу контејнерите. Така, граѓаните се соочуваат и со уште една опасност: да бидат нападнати од бездомните кучиња.
– Имаме таков проблем кај градинката „Спортски центар“ и тука почнавме постапка да се отстранат контејнерите. Но, пак проблем се несовесните граѓани, кои оставаат сè и сешто. Чувари во градинките нема. А, и да има, што ќе прават со несовесните? Имаме слики како фрлаат кај контејнерите пред „Тетекс“. Цело Фалише фрла смет кај контејнерите пред „Тетекс“, цело Ѓермо и Дреновец носи во „Поток“. И внатре влегуваат за да остават смет. Пријавено е во СВР – Тетово дека ни го оштетија новото детско катче во дворот од градинката „Поток“ – објаснува директорката Јаја.
Според директорката, кај некои од градинките не помага ни тоа што има натпис на кој е назначено дека има видеонадзор, па и покрај тоа, продолжува оставањето отпад пред контејнерите.
Оставањето смет значи потенцијална опасност за здравјето на граѓаните, постојано предупредува доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје, со специјалност здравствена екологија и хигиена.
– Самата непријатна миризба ја загрозува социјалната благосостојба, тоа е основен постулат на Светска здравствена организација. Покрај тоа, отпадот што е биоразградлив, особено на топло време развива бактерии и така претставуваат ризик за јавното здравје поради опасноста од појава на бактериски зарази – потенцира д-р Давидовски.
За подобрување на состојбите, односно за посоодветно собирање смет, Општина Тетово во јуни 2022 година донесе дополнителен број нови 15 полуподземни контејнери, како и 100 контејнери добиени како донација од турска општина. За полуподземните контејнери беа набавни и две специјални возила. Од 15-те полуподземни контејнери, осум се од по 3.000 литри и седум од по 5.000 литри.