Работете заедно во иста насока за да постигнете win-win соработка

253

Оваа година се одбележува 30. годишнина од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Кина и Северна Македонија. И покрај географската оддалеченост, Кина и Северна Македонија отсекогаш биле пријатели, кои меѓусебно се почитуваат и се третираат како еднакви. Двете земји отсекогаш биле партнери во солидарноста и соработката, држејќи се заедно и во добро и во лошо. Сè повеќе се развиваме како пријателска заедница со заемна иднина. Кинескиот претседател Си Џинпинг истакна дека соработката Кина – ЦИЕЕ (Кина- земји од Централна и од Источна Европа) е сјајна практика на мултилатерализам и претставува важен дел од односите Кина – ЕУ, придржувајќи се до принципот на ко-конструкција, прагматизам, рамнотежа, отвореност, инклузивност, иновативност и претприемништво. Водени од овој концепт, Кина и Северна Македонија отсекогаш биле прагматични и промовирале заемно корисна соработка, која не само што го поттикнува нивниот развој туку и ја подобрува благосостојбата на луѓето, давајќи конкретни резултати.

Прво, се случува експанзија на културната и на туристичката соработка. Од 10 август оваа година, Кина ги возобнови групните тури во Северна Македонија. Уникатната културна атмосфера, богатото историско наследство и умерените цени се атракција што ги привлекува кинеските туристи. Се верува дека сè повеќе кинески туристи ќе ја посетат Северна Македонија, промовирајќи го развојот на туристичката индустрија, поттикнувајќи го растот на потрошувачката во транспортот, сместувањето, угостителството и шопингот. Тоа дополнително ќе ги прошири размената и соработката меѓу двете земји во рекреативните спортови и во спортовите на отворено, а особено ќе го промовира постојаниот раст на бројот на туристи поврзани со трговијата, инвестициите, образованието, науката и технологијата, како и размената од областа на културата. Економскиот поттик што доаѓа преку изложбените платформи е очигледен преку зголемените групни посети и преку активното учество на бројни компании од Северна Македонија на настани како што се „Shanghai Import Expo“, „Canton Fair“, „China –CEEC Expo“ и „Global Cross-border E-commerce Summit“, чиј домаќин е провинцијата Жеџијанг (Ханг Џоу). Винарницата „Тивиски“ беше поканета да учествува на седмото China-South Asia Expo и на 27. саем China Kunming Import and Export во август оваа година, што, несомнено, дополнително ќе ја прошири популарноста на производите од Северна Македонија во Кина.

Второ, има сè поблиска соработка во областа на индустријата и на инвестициите. Се проширува обемот на инвестиции од страна на кинеските претпријатија во Северна Македонија. Компанијата „Joyson Company“ во Северна Македонија инвестирана од „Ningbo Joyson Electronic“ и „ARC Automobile Company“ како подгрупација на „Yin Yi Group“, водат постојан бизнис. „Yanfeng ARC Automobile“, која претставува заедничко вложување помеѓу Кина и САД, ги отвори своите работни простории во технолошката индустриска развојна зона во Скопје. Овие компании креираат можности за работа и го поттикнуваат локалниот економски раст. Кина ќе продолжи да ги поддржува кинеските компании да инвестираат и да основаат бизниси во Северна Македонија со што поголеми инвестиции и со проширување на полињата за инвестирање. Директори на многу кинески компании ја посетија Северна Македонија за да преговараат за економска и за трговска соработка. Некои претприемачи од Хонг Конг, Макао и Тајван, исто така, се оптимисти за инвестициското опкружување во Северна Македонија. Кинеските претприемачи ја подобрија својата комуникација со Северна Македонија. Додека вратата на „кинеското отворање“ продолжува да се отвора пошироко, компании од различни земји, вклучително и од Северна Македонија, сведочат за светлите перспективи на кинеската економија. Тие доаѓаат во Кина за да посетат изложба, да започнат бизниси, за да ги прошират инвестициите и прекуграничните бизниси со е-трговија, за да промовираат соработка во областа на енергијата, храната, инфраструктурата и обуката за различни вештини и за да дозволат развојот во поголема мера да им користи на сите луѓе.

Трето, билатералната економска и трговска соработка продолжува да расте. Во 2022 година, обемот на билатералната трговија меѓу Кина и Северна Македонија достигна 1,052 милијарди американски долари, а Кина продолжи да ја одржува својата позиција како најголем трговски партнер на Северна Македонија, надвор од Европа. Видовите трговија меѓу двете земји стануваат сè поразновидни. Владите на двете земји активно ги охрабруваат соработката и вклучувањето на различните деловни асоцијации и претпријатија. На почетокот од јули, Хе Лиангхуи, заменик-претседател на Народната политичка консултативна конференција на провинцијата Јунан, има предводено деловна делегација во посета на Северна Македонија, каде што биле дискутирани прашања за соработката со претставници на претпријатија и со деловни луѓе во Северна Македонија. Македонското вино со врвен квалитет се служи на кинеските трпези, а висококвалитетниот мермер е фаворизиран од страна на кинеските клиенти. Верувам дека во блиска иднина ќе има сè повеќе земјоделски и прехранбени производи од Северна Македонија на кинеските трпези. Во контекст на претходното, производите од кинеско производство се, исто така, популарни во Северна Македонија. Апаратите за домаќинство направени од „Gree“, „Midea“ и од други брендови се рангирани меѓу првите на локалниот пазар, обезбедувајќи економични производи за граѓаните на Северна Македонија. Сè повеќе и повеќе кинески брендови се наоѓаат во „домовите на обичните луѓе“.

Четврто, инфраструктурните проекти стабилно напредуваат. Возовите произведени во Кина сообраќаат по падините на македонските планини, а експресните патишта Кичево – Охрид, Фариш – Дреново и другите значајни проекти преземени од „PowerChina“ стабилно напредуваат. Експресните патишта Младиновци – Штип и Кочани – Крупиште се во завршна фаза и се подготвени да добијат сертификат за одобрение. Неодамна присуствував на церемонијата за пробивање на тунелот на проектот за експресен пат Фариш – Дреново со премиерот Ковачевски. И како што кажа премиерот Ковачевски, проектот Фариш – Дреново е важен дел од транспортната мрежа во Северна Македонија, па дури и на балканскиот регион. По неговото завршување, ќе обезбеди повеќе можности за регионален економски развој и дополнително подобрување на животниот стандард на локалното население. Со постојаното отворање нови бизниси и нови маршрути, стоката што ја носат товарните возови со насоки Кина – Европа стануваат сè пообилни, а соработката за поврзување на Кина со Северна Македонија и со другите земји во светот ги хармонизира односите помеѓу Азија и Европа.

За време на изминативе 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Кина и Северна Македонија, под водство на лидерите на двете земји, билатералните односи се имаат развивано стабилно и здраво, при што корист имаат и двете земји и нашите народи. Гледајќи напред кон следните 30 години, кинескиот стил на модернизацијата ќе отвори поширок простор за соработка меѓу Кина и Северна Македонија. Верувам дека со заеднички напори на двете страни, во рамките на заедничкото градење на „Појас и пат“ и соработката China – CEEC, патот на соработката Кина – Северна Македонија ќе станува сè поширок и поширок. Континуирано ќе го одржуваме потенцијалот, ќе го збогатуваме спектарот за соработка и ќе работиме заедно за подобра иднина.

Џанг Ѕуо, амбасадор на Народна Република Кина во Македонија