Тамара Котевска говореше на ексклузивен настан на Венецискиот фестивал

494

Македонската режисерка го претстави својот нов документарец „Патешествието“ (The Walk) за триметарската кукла Амал што претставува дете-бегалче од Сирија, а која го обиколила светот со цел подигнување на свеста за бегалците. Филмот, преку куклата, го следи пеколниот пат на бегалците од Сирија до Англија и го открива лицемерието на Европа во тој процес на „одење” од земја во земја

Македонската режисерка Тамара Котевска говореше на ексклузивниот настан „Lights Camera Impact“ што се одржа на 1 септември во рамките на 80. Венециски фестивал.

Таа го претстави својот нов документарец „Патешествието“ (The Walk) за триметарската кукла Амал што претставува дете-бегалче од Сирија, а која го обиколила светот со цел подигнување на свеста за бегалците. Филмот, преку куклата, го следи пеколниот пат на бегалците од Сирија до Англија и го открива лицемерието на Европа во тој процес на „одење” од земја во земја.

Ексклузивниот настан „Lights Camera Impact“ секоја година кани тројца светски реномирани автори чие последователно творештво се филмови што имаат потенцијал да влијаат на општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми.

За Котевска, која е корежисер на македонскиот документарец „Медена земја“, кој има две номинации за „Оскар“, претставува особена гордост и чест што иако млада, е препознаена како автор кој има моќно влијание со своите филмови во светот.

Меѓу говорниците на настанот „Lights Camera Impact“ беше и модната дизајнерка и активистка Дајан фон Фирстенберг, чија фондација од 2010 ги доделува наградите ДВФ на жени кои покажале лидерство, сила и храброст во својата посветеност на женските прашања во светот. Годинава, меѓу добитничките на наградата ДВФ беше и адвокатката за човечки права Амал Клуни, сопруга на познатиот актер Џорџ Клуни.

На настанот Тамара Котевска се сретнала со Амал Клуни, од што сподели неколку фотографии на социјалните мрежи.

„Чест ми е што се сретнав со еден од најголемите светски борци за човекови права: Амал Клуни“, објави режисерката.

Инаку, како главен продуцент на филмот „Патешествието“ се потпишува една од најголемите филмски компании за документарни филмови во Англија, „Grain Media“, која зад себе има многу награди, меѓу кои и неколку „Оскари“. Филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм како малцинска копродукција, а како македонски копродуцент се јавува „ОХО продукција“.