Помалку Јапонци се одлучуваат за брак и деца, а нивните родители одат на организирани брачни настани за да им помогнат на своите деца да најдат соодветен брачен партнер.
Со оглед на зголемените трошоци за живот, лошите економски перспективи и напорната работна култура, денес се помалку Јапонци избираат да стапат во брак и да имаат деца. Тука во пресрет им излегуваат нивните родители, загрижени за се помалите шанси да добијат внуци. На состаноците на „омијаи“ – посредување во бракот, родителите зборуваат за своите возрасни, самохрани деца, за кои се надеваат дека ќе најдат љубов.
Секој од родителите издвојува по 14.000 јени (89 евра) за учество на ваков настан.
„Идејата дека е во ред родителите да им помагаат на своите деца да се венчаат на овој начин стана се пораспространета“, вели Норико Мијагоши, директор на компанија која организира брачни настани речиси две децении.
Во минатото, на луѓето можеби им било непријатно да присуствуваат на овие настани, додаде таа.
„Но, времињата се сменија.
Во Јапонија денес има сè помалку бракови и помалку луѓе. Населението долго време беше на надолна траекторија и минатата година, според владините бројки, претрпе рекорден пад од 800.523 на 125,4 милиони.
Бројот на новорегистрирани бракови во Јапонија во 2021 година падна на 501.116, што е најниско од крајот на Втората светска војна и само половина од бројот на бракови регистрирани во 1970-тите. Јапонците се венчаат се подоцна и подоцна – просечната возраст во 2021 година беше 34 години за мажи во споредба со 29 во 1990 година и 31 за жени во споредба со 27 години во 1990 година.