Зградата „Технометал Вардар“ засега нема да биде хотел – ќе се издаваат канцеларии на фирми

312

– Го чистиме она што е скршено. Правиме подготовки да ја ставиме зградата во функција со истата намена што ѝ беше и досега. Сега-засега, немаме намера да градиме хотел. Фати короната, па економска криза, а и хотелиерството не оди. Па, затоа зградата ќе си остане со истата намена. Ќе се издаваат канцеларии на фирми на IT-компании. Така си е и од претходно, 60% канцеларии и 40% соби. Но, соби нема да бидат, туку сè е канцеларии – објасни еден од сопствениците на зградата „Технометал Вардар“, Абдулмуталип Буши, за весникот ВЕЧЕР

Зградата на „Технометал – Вардар“ во центарот на градот целосно е оградена со лимени тараби, па така движењето во овој дел е ограничено. Фирмата „Буши  фешн“ ја купи оваа зграда, но години наназад таа пропаѓа и се крадат и се уништуваат прозорци и други делови од неа.

Еден од сопствениците на оваа зграда, Абдулмуталип Буши, информираше за весникот ВЕЧЕР дека објектот е заграден на барање на Општина Центар за да се заштити, за да не може да се влегува внатре и за да се вандализира, како што се правеше тоа во повеќе наврати. Тој негира дека се изведуваат градежни активности за изградба на хотел.

– Го чистиме она што е скршено. Правиме подготовки да ја ставиме зградата во функција со истата намена што ѝ беше и досега. Сега-засега, немаме намера да градиме хотел. Фати короната, па економска криза, а и хотелиерството не оди. Па, затоа зградата ќе си остане со истата намена. Ќе се издаваат канцеларии на фирми на IT-компании. Така си е и од претходно, 60% канцеларии и 40% соби. Но, соби нема да бидат, туку сè е канцеларии – објасни Буши.

Тој се пожали дека биле украдени трафостаница и цевки од водоводот, а биле откорнати прозорци.

– Дури се урнати и ѕидови. Се краде сè. Невидена работа! Поставивме дури шестмина чувари, но повторно влегуваат и крадат. Поднесовме 18 пријави до Министерството за внатрешни работи, но досега не е фатен ниту еден крадец. Се правдаат, наводно биле бездомници – реагира Буши.

Овој дел со години го нагрдува центарот на градот бидејќи е претворен во депонија, а од фасадата на зградата висеа опасни парчиња стакло и мермер. Просторот беше претворен во депонија, поради што Општина Центар ѝ издаде опомена на фирмата „Буши фешн“, бидејќи таа е сопственик, да го исчисти.

Зградата на „Технометал-Вардар“ е изградена во 1980 година и е со површина од 8.000 квадратни метри. Зградата е дело на архитектите Димитар Димитров и Росанда Минчева и е еден од препознатливите објекти на современата македонска архитектура. Беше ставена на продажба откако во 2019 г. беше отворена стечајна постапка. Поради обврски кон Комерцијална банка, објектот беше одземен од Банката, а потоа ставен на продажба, по што зградата беше купена од „Буши фешн“.

„Технометал-Вардар“ беше основана пред 60 години и во времето на поранешна Југославија беше водечка фирма во трговијата со мермер, челик, обоени метали и неметали, опрема, машини и друго.

(А.П.)