„Пораките на уметниците стигнуваат до очите и до ушите на одговорните, на властите, тоа е и повеќе од сигурно. Е, сега колку и како се преземаат посериозни и посистематски чекори поврзани со овие проблеми, тоа е друго прашање. Но, дефинитивно, сите овие проекти и уметнички ревови постепено ќе доведат до ментална трансформација, бидејќи до вчера некој не ни знаеше за проблемот на охридската јагула (Кристина Пулејкова), за отровните рудни остатоци од арсенов сулфит во Лојане и во Ваксинце (Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска), за проблемите со собирањето на сметот во Галичник (Ненад Тонкин)…“, вели за весникот ВЕЧЕР, Ана Франговска, куратор на Ликовната колонија во Галичник

Ана Франговска, (р. 1978, Скопје) е виш кустос во Националната галерија, историчар на уметност со дваесетгодишно кураторско искуство во современата визуелна уметност. Зад себе има бројни проекти, кои оставиле голем впечаток на ликовната сцена во нашата земја. Од 2012 е кооснивач и член на Институтот за уметност и култура „Арс акта“. Организатор и куратор е на Ликовната колонија во Галичник, која неодамна го заокружи своето 34. издание, што беше повод за разговор во весникот ВЕЧЕР.

Од 12 до 20 август се одржa 34. Ликовна колонија „Галичник“ со учество на десетина уметници, главно од регионот, но и од Јапонија и од Холандија. Кои се нивните импресии од убавините на македонскиот бисер Галичник?

Не познавам човек кој останал имун пред магичната природа на Галичник, а особено ако станува збор за уметници, кои се сензитивни на визуелни сензации, надополнети и надградени со преродбеничката и уметничка традиција на ова место, кое пламти од потенцијал, креативност, фолклор, близина на ѕвездите, небото, космосот. Фасцинациите започнуваат од самото свртување од Маврово кон Галичник, од променливата и здивоодземачка природна трансформација, која воодушевува со својот богат репертоар. Од шумовито место со пат што во вид на серпентини ве искачува високо како кон „месечината“ за да ве доведе до онаа широка и оголена убавина на планината Бистра, која буквално наликува како да сте во некој филм, со глетка збогатена со коњи што пијат вода или, пак, стадо овци со своите верни овчарски кучиња, кои како бел облак се движат низ волшебниот бескрај. Оваа магична и дива авантура од 15 км завршува со селото Галичник, каде што ве дочекуваат куќи, кои изникнале на чудесен начин на таква остра падина за да посведочат за галичкиот масонски ум и за непокорот на македонскиот бит. Кога ќе се додаде на сета оваа визуелна убост и една прекрасна креативна дружба на 10-ина различни уметници од светот, кои заедно живеат, разменуваат искуства, се запознаваат и творат во период од 8 дена, импресиите се незаборавни и остануваат запаметени за цел живот.

Во овој краток временски период, доживуваат толку сензиторни дразби што, по престојот во Галичник, им е потребен најмалку еден месец за да ги систематизираат искуствата и сознанијата и за да ги сместат сите во еден фолдер од меморијата. Се качуваат на планински врвови за да ја доживеат единствената птичја перспектива и моќ на магичниот поглед одозгора на Галичник, Бистра, реканскиот крај, Дебарското Езеро; се шетаат ноќе низ шума за да ја прослават со мештаните селската слава Преображение; прават јавни претставувања на своето творештво и во исто време едукација за значењето на современата уметност пред локалните мештани; се дружат со малите креативци, дечињата кои се на летување во Галичник, со кои ги споделуваат радоста на живеењето и моќта на уметноста како форма на комуникација; јаваат коњи; пробуваат од неповторливите вкусови на македонската храна и пијалаци; ја уживаат питомата природа на Маврово и Мавровското Езеро; вдишуваат од духовноста и маестралноста на реканските дрворесци и фрескоживописци при посетата на манастирот „Свети Јован Бигорски“ итн… Зарем ова не се содржина и искуство што ќе се носат како траен белег во срцето?!

„Колонизација/деколонизација на природата“ беше годинашната тема на Ликовната колонија. Колку дела и во кои техники беа создадени од уметниците? Кога ќе бидат изложени пред јавноста и кои се Вашите оцени за годинашното издание?

Последнава деценија, Колонијата е насочена кон новите медиуми и во тоа, секако, е посебна и единствена во изборот на уметниците. Постојаното следење на актуелностите во современата уметност значи и рецентност, уникатност и, секако, те издвојува од масата ликовни колонии и манифестации што се случуваат во земјата и во околината. Ликовната колонија „Галичник“ стана препознатлива визуелна резиденција во регионот и пошироко по својот современ начин на работа и, пред сè, по внимателниот избор на уметници што учествуваат. Во оваа Колонија, уметниците не се повторуваат, имаат само една и единствена шанса да учествуваат, а се селектираат автори со сериозен визуелен дострел и изградени биографии или, пак, млади, а потенцијални автори што се во својот сигурен подем. Со ваквиот пристап и со сериозноста, исходот е секогаш успешен и резултира во квалитетни изложби на дела што се создаваат како производ на галичката креативна средба. „Колонизација/деколонизација на природата“ е годинашната тема и таа има исклучително важно значење за актуелната улога на уметноста во зголемувањето на свеста на човекот дека ние не сме најсупериорните суштества на планетата Земја и во универзумот и дека природата памти и наоѓа начин да го возврати ударот за нејзината неконтролирана злоупотреба. Оттука, годинашнaтa сесија на Колонијата поставува многу клучно прашање. Делата што ќе бидат добиени како финален резултат од годинашната креативна средба се во новомедиумски формат на видео, фотографија, дигитален цртеж, анимација, инсталации – објекти… Годинашните креативни продукции, заедно со минатогодишните, ќе бидат презентирани пред јавноста на крајот од ноември во Националната галерија, во мултимедијалниот центар „Мала станица“.

Последниве неколку години, темите на Ликовната колонија „Галичник“ се однесуваа на екологијата. Можат ли повиците на активистите и на уметниците да допрат до релевантните луѓе и институции, до оние што одлучуваат? Ќе има ли ментална трансформација кон посвесно општество со цел посветла иднина?

Најлесно е сите да дигнеме раце и да се откажеме, но суштината е во упорноста кон остварување на целта и намерите и доволно е да се направи и една минорна промена, едно индивидуално освестување или соочување со реалноста и на тој начин да се додаде уште една капка во морето кон спас на планетата Земја. Капка по капка… Уметноста никогаш не била директен иницијатор на промени, но секогаш била доволно гласна и бунтовна за да посочи на општествени, политички, социјални малформации, та сега и на еколошките опасности што демнат. Уметниците се општествено одговорни индивидуи и, секако, и тие имаат длабока потреба да го искажат својот крик, а за тоа веќе со новите транстактички пристапи во уметничкото дејствување не ни избираат форми, медиуми и дисциплини за да го сторат тоа. Некогаш лаиците остануваат и несвесни за нивните акции, иницијативи, дела. Пораките на уметниците стигнуваат до очите и до ушите на одговорните, на властите, тоа е и повеќе од сигурно. Е, сега колку и како се преземаат посериозни и посистематски чекори поврзани со овие проблеми, тоа е друго прашање. Чинам дека станува збор за поглобален проблем, кој доминира и во побогатите и поразвиени општества. Но, дефинитивно, како што велите, сите овие проекти и уметнички ревови постепено ќе доведат до ментална трансформација, бидејќи до вчера некој не ни знаеше за проблемот на охридската јагула (Кристина Пулејкова), за отровните рудни остатоци од арсенов сулфит во Лојане и во Ваксинце (Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска), за проблемите со собирањето на сметот во Галичник (Ненад Тонкин) итн.

Годинава се заокружи и 34. издание на Ликовната колонија „Галичник“. Која е нејзината мисија, нејзиното значење? Што претставува Ликовната колонија за Вас, со оглед на фактот дека нејзин креатор е Вашиот татко, уметникот Нове Франговски? 

Мисијата на Ликовната колонија „Галичник“ отсекогаш била да создаде висококвалитетна креативна средба на десетина уметници од различни страни на светот, кои со своето уметничко искуство ќе придонесат кон создавање нова уметничка историја токму во личниот Галичник, а оттаму, ќе бидат амбасадори на македонската култура и уметност во своите земји. Размената на искуства, вмрежувањата, плодната почва за идни соработки се уште една идеја водилка, која неретко и досега ги исполнила своите резултати, та Колонијата организирала одлична реципрочна резиденција и изложба на македонски уметници во Angel’s Gate Cultural Centar во Лос Ангелес, САД, соработувала со сродни манифестации од Толедо, Шпанија и Харлех, Велс, се претставила на престижната регионална манифестација „Сарајевска зима“, организирала изложби во неколку галерии низ регионот, претставила свои дела во Европскиот парламент во Брисел, а иницирала и голем број размени и соработки на уметници. Да се види што има да понуди Македонија и во смисла на природните убавини и во смисла на историјата и традицијата, и во смисла на идентитетот, во контратежа со современоста на која не сме ѝ исклучок, значи една мошне потребна и плодна содржина за афирмација на нашата земја, култура и уметност во светот. За мене лично, Ликовната колонија „Галичник“ е живот, татко ми е виновникот, а таа е причина зошто сум денес тоа што сум, куратор кој мошне вивидно се предава на промовирање на уметноста.

Можете ли да откриете за нашите читатели нешто повеќе за историјатот на Колонијата и за нејзините почетоци? Со колкав фонд на дела располага, на кои теми, во кои техники и медиуми твореле и се искажале уметниците?

Колонијата ја иницираше и започна Нове Франговски во далечната 1990 година. Тој е роден таму, но живеел многу малку таму, до своите три години, и кај него останала потребата постојано да им се враќа на корените. Секое враќање пламтело со нов креативен набој кај него. Во 90-тите, периодот на распадот на Југославија, татко ми почувствува дека е вистинско време да се започне токму една ваква креативна средба на уметници, кои заради социополитичките услови тогаш, како да почнале да се отуѓуваат, а заедничкото творење можело само да ги помири и да ги зближи. И неговата иницијатива се покажа како мошне нужна и успешна. Првите година-две беше исклучиво со македонски уметници, но потоа се роди идејата оваа Колонија да стане регионална, па меѓународна. Соработувањето со кустоси од Националната галерија и од Музејот на современа уметност му помагаа на Франговски во одличната и професионална селекција на уметници. Оваа Колонија уште тогаш се издвои и се здоби со белег за високо квалитетна меѓународна манифестација, која во еден одреден период здружува уметници од различни краеви на светот. Тие творат тука и се дружат, создавајќи контакти, кои продолжуваат да се вмрежуваат, во исто време станувајќи амбасадори на македонската култура и уметност назад во земјите од каде што доаѓаат, организирајќи презентации и предавања за нашата чудесна земја и за сите нејзини убавини и неодгатнати тајни и културни вредности. Во првите години, Колонијата беше предоминантно свртена кон класичните медиуми како слики, скулптури, цртежи, графики, но ако постоеше иницијатива за изведување инсталација, видео или перформанс, секако дека никогаш не се ограничуваше креативниот чин. Темите на делата се разновидни, од пејзажи, индивидуални или групни фигуративни композиции, апстракции, геометриски конгломерации, концептуални дела што се занимаваат со политички состојби итн. Денес, со 34 едиции зад себе, Колонијата брои околу 550 дела, колекција на која сме навистина горди.

Како виш кустос во Национална галерија, носител и креатор сте на повеќе проекти во оваа институција? Кој или кои проекти би ги издвоиле и од која причина? И што е најновото на што работите?

Да издвоиш проект е многу неблагодарна работа, бидејќи во сите си вложил труд и внимание. Но, секако, некои повеќе ќе „ви легнат“ или како резултат или како искуство од кое многу сте научиле. Особено сум горда на двете курирања на македонскиот павилјон на престижната меѓународна изложба „La Biennale di Venezia“, првата 2013 со проектот „Silentio Pathologia“ на Елпида Хаџи-Василева, а потоа последното наше учество 2021, со проектот „Landscape Experience“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Од рецентните изложби што сум ги курирала, би го издвоила проектот „Допирот“ организиран во соработка со Британскиот совет, како дел од поширокиот балкански проект „Future Ecologies“, потоа изложбата на меѓународно признатиот албански уметник Дриант Зенели „Под површината има уште една површина“, ретроспективната изложба на портрети на најстариот македонски жив скулптор – Илија Аџиевски „Портретот во фокус“, многу други ретроспективни и рецентни изложби ако погледнеме ретроградно… А, во поглед на идните проекти што ме очекуваат, со особено задоволство го најавувам големиот проект на најновите продукции од последното десетлетие на маестро Симон Шемов, кое ќе се отвори на 27 септември во Даут-пашиниот амам, фокусирано на универзумот, космологијата и прашањата за просторот и времето и позицијата на човекот во тој меганаратив. Во ноември и во декември следуваат две скулпторски изложби, најнапред на Томе Аџиевски, а потоа на Гоце Наневски. Помеѓу овие две, ќе се претстави изложбата на последните две сесии на Колонијата 2022 и 2023. Што значи полн грст работа.

Како историчар на уметност, како ја оценувате македонската ликовна сцена во моментов? Постои ли нова генерација автори што може да се издвои по своите особености? Што би го советувале Вие младиот македонски уметник или студентот што се запишува на ФЛУ?

По одреден временски период на стагнација, што е мошне природен след на околностите согласно со нашите локални општествено-социјални и политички актуелности во кои едукацијата како да беше еден од даноците што треба да се „платат“, и покрај силниот бран на одлив на „мозоци“ и заминувања од земјава, почнува да се појавуваат млади уметнички креативци на сцената, кои смело ги разбиваат клишеата за тоа што е уметност. Тоа зависи и од енергијата, волјата и креативноста на самите студенти, но и од посветеноста и ангажманот на професорите, како и од нивната предаденост во ослободувањето и оформувањето на идните уметници. Верувам дека за кусо време оваа нова генерација, која зема замав, вклучително со неколкумина што се на повидок, ќе бидат носители на новата македонска современа уметност, која ќе има што ново и актуелно да понуди и да биде критичар и регулатор на сите општествени состојби со кои се соочуваме. Всушност, новите трансдисциплинарни и трансмедијални тактики и го овозможуваат тоа, бидејќи, како што кажав и претходно, уметникот не е веќе ограничен ниту во изборот на медиумите ниту во изборот на темите, а уште помалку на дисциплините. Охрабрувањето на ваквиот начин на изразување, директната соработка со другите дисциплини ќе доведе до пошироки, повеќеслојни и помоќни проекти, кои ќе допрат до пошироката публика и ќе бидат одлични медијатори на пораката.

Наташа ИЛИЕВСКА-ТАНЕВСКИ