Бројот на туристи во Европа летово речиси се врати на нивото пред пандемијата. Но, сезоната не помина без проблеми, а туристите наидоа на топлотни бранови, шумски пожари и гужви околу најпопуларните знаменитости.

Во пресрет на летната сезона, податоците беа ветувачки. Во вториот квартал од 2023 година, бројот на туристи во Европа беше на 95 проценти од бројот од 2019 година – последната година пред големите прекини на патувањето поради Ковид.

Економистите предвидуваа „целосно закрепнување на туризмот“ во земјите низ Европа.

„Туристичката индустрија доста добро го продаваше годишниот одмор оваа година“, рече Брајан Гарод, професор по маркетинг маркетинг на Универзитетот Свонси. „Луѓето кои не можеа да патуваат во 2020, 2021 и 2022 година беа малку нервозни, но тие се вратија на пазарот оваа година“.

Успешната туристичка сезона е економски многу важна за земјите кои многу се потпираат на летниот туризам и кои претрпеле три последователни разочарувачки сезони.

Но, летото 2023 година не беше мазно. Во јули топлотниот бран кој го загрози здравјето на туристите го принуди Црвениот крст да постави шатори за итна помош пред Акропол. Бидејќи температурите достигнаа 44 степени Целзиусови, најпознатата туристичка атракција во Атина беше затворена во попладневните часови, „за да се заштитат работниците и посетителите“.

Во Италија во јули беа издадени „црвени тревоги“ во 20 од 27 поголеми градови во земјата, со температура од 47 степни Целзиусови на Сицилија. Поставени беа станици за прва помош на 28 локации за да им помогнат на туристите да се справат со жештините во постојано популарниот Рим.

До крајот на јули, 30.000 луѓе беа евакуирани на грчкиот остров Родос по пожарот што беснееше со денови. Бегајќи од огнената стигхија, во една од водечките дестинации во Грција, туристите ги опишаа своите искуства како „жив кошмар“.

Франција, Шпанија, Италија и Хрватска летово мораа да ги евакуираат туристите опкружени со шумски пожари. Сепак, италијанските и грчките туристички организации сепак ги поканија туристите да дојдат и покрај жештините и пожарите.

„На крајот на денот, успехот во туризмот се одредува со бројки. Тоа е натпреварување“, изјави Гарод. „Туристичката индустрија се обидува да се обнови по Ковид на стар начин, со голема потрошувачка, преку големи бројки. Притоа, не мора да се размислува за тоа што е добро за дестинациите“, рече тој.

Така, големиот број туристи во летото 2023 година го вратија проблемот со пренатрупаноста.

Едно истражување го наведува Дубровник како најпреполн град во Европа, со 36 туристи по жител. Стариот град долго време се бори со тоа како да смести голем број туристи во неговите прекрасни историски ѕидови – изградени за да ги задржат луѓето надвор.

Друга на истата листа, Венеција, е изложена на ризик од „неповратна“ штета делумно поради масовниот туризам, соопшти УНЕСКО. Агенцијата на ОН препорача градот да се додаде на листата на загрозено светско наследство.

Додека туристите масовно се враќаа во Европа, со нив дојдоа и познати приказни за лошо однесување.

Британски турист изјави дека „не бил свесен“ колку е стар Римскиот Колосеум кога бил фатен на камера како го врежува своето и името на неговата девојка на ѕидовите на амфитеатарот стар 2.000 години. Во август, заменик-премиерот на Италија ја нарече група германски туристи „имбецили“ откако ја соборија статуата што беше дел од 150-годишната фонтана во Ломбардија.

Отворањето на Ајфеловата кула беше одложено едно утро во август, откако двајца пијани Американци решија да преноќат на 300 метри високата знаменитост.

На некои градови, па дури и на цели земји им е доста од тоа.

Затоа, Амстердам им забрани на бродовите за крстарење да пристигнуваат во неговото главно пристаниште. Рим го ограничува пристапот до Фонтаната Треви и Шпанските скали. Познатото шпанско место за аџилак Сантијаго де Компостела планира да воведе туристичка такса.

Таквата регулатива најверојатно ќе доведе до поинаков вид на одмор, рече Гарод. Ќе има помалку спонтаност и многу повеќе планирање.

Во јуни, Франција објави планови за нова стратегија за регулирање на летниот метеж што ја загрозува „екологијата, квалитетот на животот на локалните жители и искуството на посетителите“.

Иницијативата на владата ќе има за цел да ги идентификува местата кои се ранливи на прекумерен туризам и да ги охрабри луѓето да ги посетуваат надвор од шпицот на сезоната или наместо тоа да посетуваат места надвор од вообичаената патека.

Тоа е стратегија за која веќе размислуваат многу европски туристи. Европските патници генерално планираа повеќе пролетни и рани летни патувања во 2023 година со цел да патуваат поевтино, да избегнуваат гужви и да имаат пријатни временски услови.

Студијата на EU Science Hub сугерира дека туристите можат почесто да избираат поладна клима во северна Европа отколку медитеранските дестинации во летната сезона.

И покрај ова, летото 2024 година веројатно ќе донесе многу од истите проблеми за туристите и за најпопуларните летни дестинации во Европа.

„Преминот кон патувања надвор од сезоната ќе вклучи многу прилагодувања што ќе бидат тешки за многумина, особено бидејќи летото е сезона на училишни одмори“, истакна Гарод.

„Можеби ќе видиме малку повеќе патување на север за да избегаме од жештините, но мислам дека тоа нема да се случи веднаш. Луѓето бавно ги прилагодуваат своите навики за патување“.