Депонијата кај Волковија веќе втор ден гори, а смрдеа и густиот чад се шири низ целиот полошки регион и покрај интервенцијата на Територијалната противпожарна единица – Тетово.
Оттаму велат дека досега на запалената депонија истуриле стотици тони вода, но не можеле да го изгаснат пожарот.
-Се работи за илјадници тони отпад, ако еден слој се изгасне, друг ќе се разгори. Така е веќе два дена – потенцираат од Територијалната противпожарна единица – Тетово.
Командирот на единицата Авни Амети, вели дека се во координацијата со државните институции кои ќе помогнат целосно да се ликвидира пожарот со копање на дупка на самата депонија и истурање на земја врз целиот смет.
-Ова е алармантно, на противпожарната единица Тетово треба да им излезат во пресрет другите институции бидејќи граѓаните често се јавуваат поради екстремно загадениот воздух. Ние очекуваме и имаме најави дека ќе се вклучат другите институции, за да ја завршиме оваа работа. Јас контактирав со Кризниот штаб и со еден експерт кој ме советуваше дека оваа депонија треба целосно да се ископа и потоа да се стави во дупка целиот смет и истиот да се покрие со земја. Само тоа е спасот, друг начин не постои. Досега истуривме до 40 камиони вода. Се работи за десет тонски камиони. Имавме контакти со одредени институции и сметам дека пожарот ќе биде изгаснат пожарот, граѓаните нека бидат смирени“ – вели Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
Се работи за депонија за која Владата има дадено дозвола за третирање на отпад во наредните 15 години. Се наоѓа во атарот на село Волковија на површина поголема од еден фудбалски стадион, цела опкружена со ниви.
Концесионерот кажал дека некој намерно му ја запалил депонијата. Најпрвин како што рекол биле запалени некои бараки каде што имало поставено камери за да не се остави трага, а потоа и купиштата смет, што остава простор дека пожарот е подметнат.
И депонијата кај Чегране чади втор ден, а инспектори на Државниот инспекторат извршија увид. Во тек е увид од страна на екипа на МВР. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, рече дека се почнати активности за затрупување.
ЦУК претходно соопшти дека се изгаснати 24 пожари, во општините Студеничани, Битола, Прилеп, Кривогаштани, Крушево, Струмица, Радовиш, Струга, Дебар, Велес, Неготино, Кочани, Куманово, Липково, Брвеница и во Гостивар. Пожарите биле на локации со сува трева, ниска шума, стрништа и депонии.
Инаку, како што соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК) трите пожари кои беа активни на територијата на државата и со кои од вторникот се бореа, пожарникарите успешно се справија и се изгаснати.
-Во моментов, сите пожари за коишто известивме за последното деноноќие – вкупно 27, се изгаснати, соопштуваат од ЦУК. Втор ден чади и депонијата кај Чегране а инспектори на Државниот инспекторат извршија увид. Директорот на на ЦУК, Стојанче Ангелов, рече дека се почнати активности за затрупување.
Како што соопштуваат од ЦУК, изгаснати биле пожарите кај селата Горно Количани и Драчевица во Општина Студеничани, каде што била зафатена мешана шума, во село Орланци во Општина Арачиново, каде што горела ниска шума и во село Мелница во Општина Велес, каде што со оган биле зафатени борова шума и сува трева.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, после извидувањето на теренот на планината Јакупица, каде што во вторникот беснееше оган на надморска височина од над 1.500 метри, потврди дека и овој пожар бил целосно изгаснат.
Од ЦУК соопштуваат дека пожари имало и во општините Студеничани, Битола, Прилеп, Кривогаштани, Крушево, Струмица, Радовиш, Струга, Дебар, Велес, Неготино, Кочани, Куманово, Липково, Брвеница и Гостивар, каде што претежно горела сува трева, ниска шума, стрништа и депонии.