Вински музеј Кавадарци ќе ги донира за младиот Леонид, финансиските средства собрани од хуманитарната изложба „Од дете за дете”, информира Весела Честоева, директор на оваа културна институција.
– Донесовме одлука со која средствата собрани од изложбата што се реализираше во рамките на мини ликовната колонија, како и средствата што ќе ги собереме на претстојната изложба на 7 септември, да ги донираме за лекувањето на младиот и талентиран Леонид, кој по тешка несреќа што се случила пред две недели, се соочува со сериозен здравствен предизвик, за што неопходна му е нашата помош и поддршка – соопшти Честоева.
Таа апелираше сите заедно да се обединиме во хуманоста и да помогнеме, младиот Лео да закрепне.
– Повикуваме сите да се приклучат со донирање преку повик на телефонските броеви, А1: 143 500 и Телеком: 143 118.
Да бидеме хумани и да помагаме, бидејќи младиот Леонид заслужува да живее, а секој од нас може да се најде на другата страна од приказната. Му посакуваме на младиот Лео брзо оздравување – порача Честоева.
И градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски донесе решение со кое општината ќе додели финансиска помош за лекувањето на младиот и талентиран Леонид кој по тешка несреќа која се случила пред две недели се соочува со сериозен здравствен предизвик за што неопходна му е помош и поддршка.
-Сите заедно да се обединиме во хуманоста и да помогнеме младиот Лео да закрепне – порачуваат од Општина Гази Баба.