Прво уставни измени, или предвремени парламентарни избори, прашање кое остана нејасно и откако помина долгонајавуваната седница за уставни измени. Краткиот претрес за владиниот предлог за измени во Уставот не донесе ништо ново. И власта и опозицијата не се поместуваат од партиските црвени лини. Иста остана и реториката- за власта уставните измени се чекор до европскиот пат, за опозицијата- бугарски диктат.
Премиерот Димитар Ковачевски во телевизиско гостување рече дека дента кога ќе се изгласаат уставните измени, ќе поднесе оставка и ќе има избори.
-Ако го погледнете моето експозе, за потребата од усвојување уставни измени, јас таму бев апсолутно искрен, што добиваме со ЕУ. Јас јавно кажав дека дента кога ќе ги изгласаме уставните измени, јас ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори, кажа Ковачевски.
Втората опција е, додаде тој, доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да станат дел од Владата, бидејќи тие зборуваа за општествен консензус исто како што јас зборувам, половина места од нашите ќе ги добијат.
-Услови имаат ДУИ да не учествува, тие поднесоа оставки, и другите албански партии кажаа еве и ние нема да учестуваме… Ќе бидат дел од Владата, ќе го завршиме целиот процес, ќе го завршиме скринингот, ќе отвориме едно или две поглавја и ќе затвориме едно од поглавјата. И ќе одиме на избори. Влада во која доминантно министри ќе има и ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.
Премиерот уште еднаш повтори дека ќе има редовни избори, и претседателски и парламентарни и оти клучно прашањето со уставни измени да биде решено, заради, како што рече, државата.
-Политички партии имало и ќе има, власти се менувале, но ние самите најдобро сфативме што значи изгубени години и декади, потсети Ковачевски.
На новинарско прашање во однос на шпекулациите дека ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од меѓународната заедница за брзи избори, па оттука и цврстиот нивен став дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, кажа дека тие зборувале и за бугаризација и за асимилација, но повеќе за тоа не се зборува.
На прашањето дали има договор со собранискиот спикер Талат Џафери до кога да ја држи отворена седницата за уставни измени и дали има краен рок, рече дека нема договор со Џафери и оти тој работи согласно Деловникот.
-Прво, јас немам договор со спикерот Џафери. Тој работи согласно Деловник. Ви кажав дека процесот започна, и тоа започна успешно, бидејќи се изгласа дневниот ред, се видоа позициите на политичките партии. Останува простор за разговор со ВМРО-ДПМНЕ, сметам дека тој разговор треба да се води институционално, Парламентот е најдобро место за тоа, за да на крајот дојдеме до решение кое што ќе биде во интерес на граѓаните, бидејќи граѓаните сакаат да живеат и заслужуваат да живеат во земја-членка на ЕУ, рече премиерот.
Во исто време, и опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се поместува од партиските црвени линии. За вчера попладне беше закажана и седница на Извршниот комитет. Извори од најголемата опозициска партија, пред седницата изразија очекувања дека на Извршниот комитет ќе се реафирмира ставот за оддржување на предвремени парламентарни избори како врврн приоритет откако власта не обзбеди двотретинско мнозинство за измени на Уставот.
-Ако не се прифаќа барањето за избори власта уште еднаш ќе докаже дека се што им е важно се ден или месец повеќе за повеќе криминал и корупција, рече Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање што ако во текот на наредните месеци не се прифати барањето за предвремени избори и дали би било во ред истите да се одржат заедно со претседателските во април и мај.
Митева вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори кога и да се случат.
„Но, како и до сега, приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е мислењето на граѓаните за кандидатите кои ги предлага, така ќе биде и овој пат, по опсежна анализа и анкета ќе го имаме најдобриот кандидат за претседател на Македонија“,
И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во телевизиско гостување по собраниската седница за уставни измени рече дека Македонија е во политичка криза и дека единствен излез се предвремени парламентарни избори на кои ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди конкретно решение за излез од проблемот.