Самиот почеток на собраниската разврска за уставните измени покажа дека државава се појасно е исправена пред конечната одлука дали промената на Уставот или промената на власта ќе биде излез од политичката криза. Додека власта настојува дека поддршката за уставните измени е единствениот пат кој ја води државата кон евроинтеграциите и посветлата иднина, опозицијата смета дека се потребни брзи избори за народот да одлучи во кој правец треба да продолжи Македонија.
Според екс-пратеникот Илија Димовски, во напорите да ја забрза постапката, спикерот на Собранието, Талат Џафери, не ги применил законите и деловникот за работа на Собранието или свесно ги крши за да купи време за уставните измени.
„Собранието мораше да се изјасни за оваа точка, во петокот на 18. 8. 2023 година, веднаш кога заврши дискусијата и имаше обезбедено кворум за работа во пленарната сала”, му порача Димовски на спикерот Џафери.
Во образложение на својот став, Димовски наведува дека постапката за изменување на Закон и други акти се едно прашање, а постапката за измена на Уставот е сосема друго прашање кои различно и одделно се обработени во Деловникот на Собранието.
„Претседателот на Собранието за одложување на гласањето на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го примени членот 165, став 1. Но тој член воопшто не се наоѓа во главата X која ја регулира постапката за измена на Уставот. При одлучувањето за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, Претседателот на Собранието мораше да ги примени одредбите од член 95 и член 96 од глава V на Деловникот, која глава од Деловникот на база на општи одредби го регулира текот на седницата на Собранието без разлика за какви точки на дневен ред се расправа. Овие 2 члена не му даваат никакво право на Претседателот на Собранието да одложи гласање по точка од дневниот ред за која постои посебни нормативи во посебна глава од Деловникот, а не е е дел од глава IX“, појаснува Димовски во образложението.
Владејачката СДСМ истакна дека нема да дозволи блокада на иднината и понатаму ќе се бори за врвните национални и државни интереси, преку обезбедување соодветно мнозинство со кое ќе се продолжи европскиот пат на државата.
– Мицкоски и ДПМНЕ покажаа дека се против ЕУ, дека сакаат да ја блокира европската иднина на граѓаните, единствено за лични цели. ДПМНЕ застана против подобар живот за граѓаните, поголеми фондови, против засилен напредок и европски стандарди. Тоа е опасна, антидржавна и антимакедонска постапка на ДПМНЕ и Мицкоски. Членството во ЕУ не е игра, станува збор за иднината на татковината, се истакнува во партиското соопштение на СДСМ.
Од СДСМ посочија дека, како што велат, Мицкоски е анти ЕУ политичар и е ист како неговиот ментор и шеф Никола Груевски.
„Груевски ја држеше земјата во изолација цели 11 години, надвор од ЕУ и НАТО. Христијан Мицкоски не гласаше за членство во НАТО и цело време работи против членството во ЕУ. Сака македонскиот јазик да не биде дел од ЕУ, сака да ја блокира европската иднина, сега кога тоа е на дофат на целиот народ, на нашата земја“, додаваат од владејачката партија.
Од најголемата опозициска партија, пак, возвратија Ковачевски да не ја држи Македонија заложник поради својата фотелја и дека изборите се единствено решение со оглед дека нема двотретинско мнозинство за уставните измени.
„Повеќе од една година Ковачевски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени. Во петокот сите лаги на СДС потонаа, не само што немаа 80 пратеника, немаат ниту 70. СДС знаат дека во моментот кога ќе ги стават на гласање уставните измени, тие ќе пропаднат, затоа развлекуваат во надеж месец повеќе да останат на власт. Додека СДС се држи за власта како за сламка за спас, Македонија тоне. Народот живее од ден во ден сѐ полошо“, подвлекуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека „СДС ја оддалечува Македонија од ЕУ со криминалот, корупцијата и неспособната политика која ја водат“.
Власта опстојува на ставот дека уставните измени се неопходни државата да ја исполни стратешката цел и врвниот национален интерес, а тоа е членството во ЕУ. Вицепремиетот за европски прашања Бојан Маричиќ завчера во интервју за Рацин.мк порача дека колку повеќе чекаме сè поголеми прашања ќе се отвораат, што само ќе го комплицира процесот и ќе ја зајакнуваат позицијата на Бугарија.
-Обврските се опишани во преговарачката рамка и тоа се обврски кои што ние сме ги прифатиле за достигнување на стратешката цел до 2030 година, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Нашите главни барања во договорот се исполнети и затоа не постои ниту еден аргумент дополнувањето на македонскиот Устав да се нарекува бугарски диктат – не, тоа е европски предлог и зад ваков предлог цела ЕУ никогаш повторно нема да застане заедно затоа што во Унијата има турбулентни процеси и европски избори следната година, посочува Маричиќ.
Дециден е дека нема да има подобра рамка нема да има.
– Тоа цела ЕУ ни го кажува, тоа го знаеме и ние самите и секој којшто вели поинаку не сака да ја види нашата држава во ЕУ. Подобар Договор од овој кој го имаме не може да се постигне, со овој сме во поволна позиција од која може лесно и безболно за нашите национални интереси да се поентира и да се загарантира европската перспектива. На ВМРО-ДПМНЕ многупати досега им е кажано од страна на нашите европски пријатели, високи претставници од државите членки на ЕУ, дипломатите во земјава, европратениците дека преговарачката рамка не може да се репреговара и дека не е можен нов Договор, истакнува Маричиќ.
(И.С.)