Филмот „Чувари на формулата“ е базиран на книгата на Горан Милашиновиќ „Случајот Винча“. За време на Студената војна учесниците на таен проект во Институтот Винча се изложени на смртоносна доза на зрачење. Југословенската тајна полиција ги носи на лекување во клиниката Кири во Париз, каде што д-р Жорж Мате, кој го игра францускиот актер Алексис Маненти, предлага да се изврши деликатна и несигурна замена на коскената срцевина на озрачени пациенти првпат во историјата. Дали е тоа експеримент врз живи луѓе или навистина сака да им помогне – станува мачно прашање за југословенските научници. Најновиот филм на Бјелогрлиќ деновиве е прикажан на Сараево филм фестивал

Новиот филм на познатиот српски актер и режисер Драган Бјелогрлиќ насловен „Чувари на формулата“ (Чувари формуле), деновиве ја имаше својата регионална премиера на 29. Сараево филм фестивал кој е во тек. Ова остварување, за кое Бјелогрлиќ вели дека има универзална приказна разбирлива за гледачите низ светот и кое несомнено предизвикува голем интерес кај публиката, беше прикажано вон конкуренција.

Филмот „Чувари на формулата“ е базиран на книгата на Горан Милашиновиќ „Случајот Винча“. За време на Студената војна, учесниците на таен проект во Институтот Винча се изложени на смртоносна доза на зрачење. Југословенската тајна полиција ги носи на лекување во клиниката Кири во Париз, каде што д-р Жорж Мате, кој го игра францускиот актер Алексис Маненти, предлага да се изврши деликатна и несигурна замена на коскената срцевина на озрачени пациенти за прв пат во историјата. Дали е тоа експеримент врз живи луѓе или навистина сака да им помогне – станува мачно прашање за југословенските научници.

Ова остварување неодамна ја имаше и светската премиера на филмскиот фестивал во Локарно, Швајцарија, каде освои и две награди. На Бјелогрлиќ му беше врачена наградата Варајати за најдобар филм во селекција Пјаца Гранде, како и наградата Зелен леопард, која се доделува на филмови со највпечатлива порака. Инаку, Бјелогрлиќ пред новинарите во Сараево кажа дека е задоволен што филмот почнува „со добар ветер во грбот кој ќе се зголеми по Сараево“.

На Сараево филм фестивал во 2021 беше прикажан и неговиот претходен филм „Тома“, кој исто така имаше голема гледаност и успех во регионот.

Инаку, филмот „Чувари на формулата“ на почеток на снимањето беше нарекуван „српски „Чернобил“, за потоа да го споредат со филмот „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан.

Сценарист на филмот е Вук Ршумовиќ, а ко-сценаристи се Бјелогриќ и Огњен Свиличиќ.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Радивоје Раша Буквиќ, Алексис Маненти, Ана Сара и Оливие Бартелемија, додека директорот на институтот „Винча“, Павел Савиќ, го толкува Предраг Мики Манојловиќ. Бјелогрлиќ, пак го глуми ликот на шефот на југословенската државна безбедност Александар Ранковиќ.

„Не можев да одолеам да не го играм Леко Ранковиќ“, се пошегува Бјелогрлиќ. Тој улогите на млади југословенски научници ги додели на Јован Јовановиќ, Алиса Радаковиќ и Огњен Миќовиќ, пренесуваат српските медиуми.

Според сценаристот ’Ршумовиќ нуклеарната несреќа во новоформираниот институт во 1950-тите е настан без преседан. Во филмот, додава, се обиделе да го задржат хуманизмот во напнатата атмосфера од Студената војна. Како што посочува, имало гласини дека постоел таен проект комунистичка Југославија да направи атомска бомба во Институтот за нуклеарни истражувања во Винчи, за да ја подобри својата меѓународна позиција.

„Најдовме некои податоци кои упатуваа во таа насока и се потпревме на еден дел од приказната, што на драмата и даде трилер елемент. Тоа е посебен шмек што го нуди филмот“, посочува Ршумовиќ.

Актерот Буквиќ го игра ликот на професорот Драгослав Поповиќ, носител на проектот и водач на група експерти во институтот „Винча“.

Инаку, Бјелогрлиќ посочи и дека филмот е наречен „Чувари на формулата“, бидејќи зборува за луѓе кои работат на формула која всушност е формула за смрт и без да сакаат започнуваат нова верижна реакција која ќе доведе до формула за живот… (Д.Т.)