Јулската статистика на Агенцијата за вработување покажува дека продолжува да се „ситни“ работната сила во државата. Во седмиот месец од 2023 година како активни баратели на работа биле пријавени 105.948 лица, што во однос на јануари е намалување за 5.948 активни баратели на работа.
Анализата на податоците што ги објавува Агенцијата за вработување покажува дека намалениот број невработени во јули од годинава не се должи на тоа што оние кои отпаднале од списокот си нашле работа. Во јули како невработени Агенцијата престанала да води 4.080 лица, а од нив само 1.920 се избришани од списокот затоа што си нашле работа.
Во истиот месец во Агенцијата се пријавени 2.979 нови невработени, од кои 1.712 го изгубиле работното место, а 162 се првпат евидентирани како лица кои бараат работа.
Најголем број од невработените се без образование или со завршено основно училиште (62.811), а бараат работа и 596 магистри и 18 доктори на науки од кои 12 се жени. И меѓу оние кои останале без работа најбројни се лицата без образование. Меѓу нововработените, пак, освен без образование, најзастапени се и лицата со завршено средно училиште (1.565). Но, работен однос засновале и 30 магистри од кои 22 се жени.
Најголем е бројот на лицата кои чекаат работа четири години. Ги има 15.584. И покрај тоа што бројот на невработени се намалува, долгорочната невработеност и понатаму ја има. Вкупно 13.207 од невработените се без работа од 8 и повеќе години, а 14.140 бараат вработување подолго од три години.
Интересен е податокот дека најголем број од евидентираните невработени, односно 15.868 се на возраст од 55 до 59 години, а 14.172 лица кои се пријавени како невработени имаат од 60 и повеќе години. Најмалубројни меѓу невработените, или 1.586, се најмладите, на возраст од 15 до 19 години.
На јулскиот список на невработени, меѓу другите, има и 596 магистри и 18 доктори на науки.
Најмногу евидентирани невработени има во скопскиот регион (22.007), од кои од градот Скопје се 14.867, и од селските средини 7.140 баратели на работа. На второ место е Тетово со високи 13.249 лица кои активно бараат работа и Куманово со 11.546.
(С.Бл.)