Со бетонирањето на темелите продолжува реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“, култното место на Пелистер за голем број генерации битолчани.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со раководната структура на Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ и дел од административните работници – инженери, извршија увид на активностите што се вршат во моментот.
– Досега се изврши уривање на старата конструкција, се изврши ископ за поставување на темелите, армирање на бетонски столбови и веќе почнуваме бетонирање, со поставување на првата бетонска површина. Се надевам дека за неколку денови оваа подна плоча, првата фаза ќе биде завршена и доколку временските услови тоа го овозможат, до крајот на годината ќе бидеме сведоци на поставување на објектот до фаза на карабина – вели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Ова е место за кое сите битолчани се длабоко врзани, емотивно и сите љубители на планината очекуваат овој објект да се заврши. Коњановски се надева дека временските услови ќе одат во прилог за побрзо завршување на реконструкцијата
По 10 години од опожарувањето на објектот, беше потпишан договор помеѓу општина Битола и ПСК Пелистер, по што се изработи проект за реконструкција на планинарскиот дом Копанки.
Општина Битола минатата година во буџетот за реконструкција на планинарскиот дом издвои 3,8 милиони денари, а додека во буџетот од 2023 година за реконструкција на планинарскиот дом Копанки беа предвидени 2 милиони денари, по што градоначалникот Коњановски предложи зголемување со дополнителни 1 милион денари, што се очекува да биде усвоено со новиот ребаланс на буџетот.