Градскиот стадион во Тетово е и треба да остане арена за спортски натпревари, а не за создавање на меѓуетнички тензии. За жал, деновиве овој спортски објект беше во фокусот не само на спортската, туку и на целокупната јавност поради наводите на фудбалските клубови Тетекс и Љуботен дека не им се дозволува користење на теренот за натпревари. Од општината, неколку дена откако Тетекс обелодени преку социјалните мрежи, денеска преку писмено соопштение информираа дека имале средба со претставници на клубовите и дека се работи на решавање на проблемот.
„Нивната последна реакција беше сосема непотребна и неодржлива. Средба со претставници на клубовите имаше и се постигна јасен консензус. Градскиот стадион да се користи само за фудбалски натпревари во Првата лига и меѓународни фудбалски натпревари, но и за натпревари од особено значење, како на пример полуфинале и финале во Купот на Македонија“, стои во соопштението на општината.
Од таму најавија дека и за екипите кои настапуваат во понизок ранг ќе се обезбедат соодветни терени.
„Еден терен ќе се гради кај Спортскиот центар во градот, а друг во село Сараќино. Двата терена ќе бидат опремени со потребната инфраструктура, вклучително и соблекувална за тимовите и канцеларии за клубовите. Со овие чекори, Општина Тетово ја потврдува својата посветеност за унапредување на спортот на високо ниво, транспарентност и правда за сите заедници кои живеат во нашиот град“, се наведува во соопштението од општина Тетово, но не објавуваат кога тоа ќе почне и кога ќе се реализира нивното ветување.
Клубот Тетекс, пак, се заблагодари на поддршката што ја добија од јавноста во врска со ситуацијата со која се најдоа фудбалските тимови Тетекс и Љуботен, и тоа само затоа што се македонски клубови.
„Нема да се откажеме од нашата борба! Ја повикуваме и меѓународната заедница, пред се будно да ја следи ситуацијата, а добро е и да се вклучи во битката за изнаоѓање на решението кое би било поволно за сите, подеднакво“, стои во објавата на ФК Тетекс Тетово на социјалните мрежи.
Претходно тие се пожалија дека не им било дозволено да играат на новиот, ниту да тренираат на стариот градски стадион во градот.
„Ја користиме оваа прилика за да ја запознаеме пошироката јавност дека во моментов на стариот градски стадион, но и на новиот градски стадион, ФК Тетекс, ФК Љуботен и ЖФК Љуботен немаат право на нивно користење, тренинзи, одигрување на натпревари во лигата од засега непознати причини! Екслузивно право на користење на двата стадиони има само ФК Шкендија! Се прашуваме, дали во 21 век е нормално само поради тоа што сме МАКЕДОНЦИ кои живеат во Општина Тетово да немаме право на тренинзи на природна трева?“, истакнаа од клубот во објава на социјалните мрежи.
Од таму наведоа дека досега без никакви проблеми, со меѓусебна координација, сите клубови тренирале и ги играле своите натпревари на овие два стадиона.
„Сакаме да потенцираме дека на стариот градски стадион се наоѓаат и нашите простории, соблекувална, простор за перална и слично, а тренинзите и натпреварите се играат на стадиончето на АМС, на вештачка трева. Чиста небулоза!“, наведоа од Фк Тетекс во објавата.
(И.С.)